За вкупниот увоз на струја ќе платиме од 130 до 150 милиони евра, што е речиси колку и парите што ги зеде државата од продажбата на „ЕСМ дистрибуција”
На Македонија и' се закануваат драстично повисоки цени и рестрикции на електрична енергија. Неофицијално дознаваме дека годинава на тендерот за увоз на струја нема да се обезбедат доволни количества зашто е можно бугарското електростопанство НЕК да не достави понуда. Ако пак достават, Бугарите нема да дадат пониска цена од 5,9 евроценти за киловат-час. Тоа значи поскапување на струјата во земјава, која сега домаќинствата ја плаќаат по 3,9 евроценти. За вкупниот увоз ЕСМ ќе треба да плати од 130 до 150 милиони евра, што е речиси колку и парите што ги зеде државата од продажбата на „ЕСМ дистрибуција” (175 милиони евра).
Задутре во „Македонскиот електропреносен систем оператор” (МЕПСО) ќе се отворат понудите од годинашниот тендер за увоз на електрична енергија, со кој Македонија бара да купи 2,9 терават-часови. Во МЕПСО не сакаат да го коментираат тендерот пред да ги отворат понудите. До вчера во претпријатието не пристигнала ниту една понуда, но го објаснуваат тоа со фактот што секогаш понудите се носеле во последниот ден.
Во МЕПСО признаваат дека увозната цена на електричната енергија годинава ќе биде многу повисока од ланската. Експертите предвидуваат дека цената на еден киловат-час ќе изнесува помеѓу 5 и 5,5 евроценти.
- Тоа значи дека цените на струјата што сега ги плаќаат домаќинствата нема да останат исти. Најсериозен проблем ќе биде недостигот од струја. Увоз на 2,9 терават-часови е огромно количество енергија што во регионот не може да се најде. Доказ за тоа е што неодамна Албанија и Косово не можеа да ги набават потребните количества поради што беа принудени да воведуваат рестрикции на електрична енергија - велат енергетичарите.
Во НЕК потврдија дека во 2007 година Бугарија нема да извезува струја поради затворање на два блока од нуклеарната централа „Козлодуј”. Во минатата година ЕСМ од НЕК купи 590.000 мегават-часови електрична енергија по цена од 3,7 евроценти. Лани Македонија увезе вкупно 2,3 тарават-часови струја. На НЕК му плати околу 22 милиони евра, а на швајцарската компанија ЕФТ над 20 милиони евра. Најевтина струја, за 3,5 евроценти, беше увезена од швајцарската компанија АТЕЛ. Најскапа беше струјата од Словенија - 4,2 евроценти за киловат-час.
Дневник