УСПЕШНАТА ПРОДАЖБА НА ЕСМ?!
... Владата на чело со премиерот за нецел еден час одлучи дека најдобра од сите три понуди била таа од австриската компанија ЕВН која за пакетот 90 отсто акции од АД „ЕСМ дистрибуција” понудила 225 милиони евра, едновремено обврзувајќи се во следните три години (2007-2009) дополнително да инвестира уште 96 милиони евра. Останатите две компании имале помалку атрактивни понуди од кои третопласираната ЕНЕЛ од Италија понудила дури шест пати помала сума пари од онаа прворангираната на богатите австријци! Очигледно, или италијанците толку го оцениле квалитетот на она што се нудело (да не заборавиме дека реномираниот италијански Чези го работеше техничкиот дел од владиниот Консултант за приватизацијата). Имено, иако ЕВН за 90 отсто од акциите понудиле 225 милиони евра, сепак Македонија нема да ги види тие пари. Едноставните калкулации покажуваат дека ситуацијата е многу поинаква од онаа каква што владините „експерти” сакаат да ја прикажат. Ако за 90 отсто акции ЕВН нуди 225 милиони евра, тоа значи дека 1 отсто акции вреди ни помалку ни повеќе туку 2.5 милиони евра. Бидејќи, оваа влада според договорот потпишан со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), се обврза да земе заем во висина од 45 милиони евра и за тоа да му даде на ЕБРД максимално 19,9 отсто од акциите на АД ЕСМ после неговата приватизација, калкулациите дополнително се замрсуваат. Според постигнатата цена на тендерот, заемот од 45 милиони евра на ЕБРД сега вреди точно 18 отсто од акциите на ЕСМ. Односно, за ЕВН остануваат, се разбира ако се сложи ЕБРД, слободни максимални 72 отсто од понудените 90 отсто акции. Значи, според вообичаените процедури, ЕВН ќе уплати (или уплатил) максимално 72 отсто помножено по 2.5 милиони евра, или вкупно 180 милиони евра. Да резимираме, Македонија ќе добие 180 милиони евра без право на користење на истите затоа што оваа влада исто така претходно со Меѓународниот монетарен фонд се договори овие пари да се користат за подобрување на платниот биланс на државата, а не за капитални инвестиции како што наводно и јавно тврди владата. Второто и уште поважно прашање е каде се парите од ЕБРД и за што истите се користени или ќе се користат? Г-ѓата Шекеринска гордо на целокупната македонска јавност и соопшти дека 20-ина милиони евра од ЕБРД веќе биле потрошени. Само уште да кажеше каде и за што, и уште да не просветли каде ќе се потрошат и другите 25 милиони евра од ЕБРД. Значи, владата на Бучковски веќе ни потрошиле 20 отсто од она што наводно ни го ветуваа како пари кои ќе ја препородат оваа наша сиромашна економија. Во најдобар случај македончето со помош на „експертите” во соствената влада го продаде АД ЕСМ за 180 милиони евра, а не за 225.
Втората крупна лага е дека оваа Влада постигнала највисока цена по броило во споредба со сите останати земји, а особено Бугарија каде се постигнале 270 евра, додека кај нас дури 320 евра по броило. Сметката покажува нешто сосем друго. Во Македонија за разлика од Бугарија, се продадоа освен броила и 2/3 од сите 110 кВ трафостаници со преку 45 километри високонапонска 110 кВ мрежа што на пазарот денес вредат околу 45 милиони евра. Се продадоа и 12 мали хидроцентрали кои вредат околу 42 милиони евра и носат годишен приход од околу 6 милиони евра. Значи, ако од уплатената сума се извадат овие 87 милиони евра и тоа се подели со 700.000 колку што изнесува бројот на борилата во Македонија ќе се добие смешна сума од само 132 евра по броило, што претставува катастрофално ниска цена за продажба на еден монопол. Затоа владини „експерти” пополека со аплаузот.
Трета крупна лага се инвестициите од 96 милиони евра за наредните три години. Како што можевме да прочитаме во австриските весници, овие пари ЕВН ќе ги вложи од профитот остварен во Македонија, а не од сопствени средства, што значи инвестиции ќе ги направат самите македонски потрошувачи преку своите сметки за електрична енергија. Затоа и не треба да не чудат најновите информации од теренот дека ЕВН веќе им наговестила на сите дистрибутивни подружници дека од сега натака сите прекумерни загуби, било да се заради лоша наплата, кражби или технички пропусти ќе одат на сметка на платата на вработените во таа дистрибуција.
Четвртата лага е дека никаде во светот не се давале договори помеѓу две компании на увид на јавноста. Можеби не се даваат ако капиталот во компаниите е приватен, но ако едната од нив е во државна сопственост, ако граѓаните на државата го создале целиот тој капитал, тогаш обврските кои во нивно име ги превзела било која влада мора да бидат јавни и транспарентни. Дотолку повеќе затоа што господата од владата при секое појавување не бомбардираа со изјави дека ова било проект на повеќе влади и дека бил најтранспарентен процес на приватизација воден било кога во Македонија. Следствено и последиците од овој договор ќе бидат обврска на повеќе влади, од денес па се додека постои оваа држава.
Единствено јасно во целава матна зделка е дека владата на г-динот Бучковски сака нешто да сокрие. Затоа, прашање е само на денот кога некое свирче ќе ја засвири познатата песна „царот Тројан има козји уши”. А тогаш ќе биде доцна и за царот и за неговите уши, а богами и за берберот.
Влатко Чингоски
(Авторот е доктор на електротехниЧки науки)