Не сум го гледал Тренутак Истине, но гледав нешто од оригиналот "Moment of truth", сосема истата работа, друг јазик само.
Можам да кажам дека квизот е најодвратното ТВ Шоу кое некогаш му го нафрлиле на човештвото. Целта е едноставна, да ги разголи луѓето до коска, да ги навреди, понижи, да ги уништи нивните односи со најблиските... затоа што кутрите немаат друг начин да заработат пари (ги исклучувам од ова будалите кои доброволно се понижуваат за да бидат на ТВ). И тука сме се разбира ние, широкиот аудиториум, кој треба да седне пред ТВ-то и да уживо во моралната деградација на учесниците. Дури и Шоуто на Џери Спрингер беше похумано.
Овие навреди не се случуваат само во текот на поставувањето на прашањата, туку и во рекламите кои одат во стилот: “да видиме дали поради нејзината алчност ќе си го ризикува бракот...“
Што се однесува до полиграфот, процедурата е ваква: прво се оди на тестирање, на кое добивате 51 прашање, со употреба на полиграф. Потоа ако ве изберат (ако животот ви е доволно заплеткан за да го уништат), добивате 21 прашање од истите. Не сте поврзан на полиграф но тие ги имаат одговорите. Сеуште можете да дадете друг одговор. Но некогаш (веројатно секогаш) добивате трик прашања на кои има големи шанси да паднете.
На една девојка (која прописно си го уништи животот и угледот) и поставуваат прашања во кои таа признава дека го лажела сопругот, украла пари... и потоа и приредуваат изненадување: бившиот дечко доаѓа во шоуто и лично и го поставува прашањето... туку видете сами:
После тоа има некои религиски глупости, тоа нема никаква врска ама таков е клипот...
Не ми е жал за будалите кои одат на ова шоу за да бидат видени на ТВ.
Малку ми е жал за оние кои немаат начин да заработат, па влегуваат во овој кошмар со надеж дека за срамот што ќе го претргаат ќе заработат нешто. Иако ниедни пари на светот не можат да ги купат пријателите и семејствата кои може да се изгубат во оваа авантура.
Многу ми е жал за сите нас кои не трујат со вакви нехумани, деградирачки игри, кои ја градат својата популарност на туѓата несреќа и мизерија. И за тоа што ни наметнуваат да уживаме во неа.
На крај, откако ќе ги распарчат на ситни делови, водителот ќе им посака многу среќа понатаму!!??
Што е следно... Се плашам дека човештвото е многу блиску до време во кое ќе се организираат игри од типот на оние кои ги предвиде легендардниот S.F. филм
The Running Man (1987). Игри во кои со пуканки и пиво ќе уживаме во тоа како ги ловат учесниците, за забава на гледачите.
Јас видов доволно. Ќе се трудам да бидам подалеку од телевизорот кога ова одвратно шоу А1 ќе ни го донесе овде. Не се сомневам, дека ќе биде популарно...