Умно - срдечна молитва
Кога зборуваме за умно - срдечната молитва ние се наоѓаме во срцето на таканареченото мистично богословие, т.е. во срцето на православното богословие. Со умно - срдечната молитва се постигнува, но и се изразува единството и заедницата на човекот со Бога.
Кога човекот ќе стекне единство со Бога, тогаш веднаш почнува срдечната молитва. Свети Василиј Велики е карактеристичен во врска со ова. Тој вели дека разбираме добро дека Бог живее во нас кога имаме непрестано сеќавање на Бога. И уште, ние сме храмови на Пресветиот Дух кога, и покрај земните грижи со кои се занимава нашиот разум - интелект, умот се моли непрестано.
Назив на умно - срдечната молитва
Оваа молитва, која е непрестаната молитва на Црквата (“Господи помилуј”), се нарекува срдечна затоа што преку неа се открива таканареченото духовно срце и таму дејствува молитвата. Духовното срце е центарот на човековото постоење и, според свети Григориј Палама, се наоѓа во телесното срце како во орган, а не како во сад. Срдечната молитва е истоветна со умствената молитва или се разликува од неа аналогно со значењето на зборот ум (). Светиот Григориј Палама, кој е изразител на целото црковно светоотечко учење за исихастичкиот живот, вели дека ум се нарекува и суштината на душата (срцето), но и дејството на душата кое се состои во помислите. Така, ако го поистоветиме умот со срцето, тогаш можеме да ја поистоветиме и умствената со срдечната молитва. Во секој случај треба да се нагласи дека во светоотечкото богословие ум е најсуптилното внимание, кое во паднатата состојба се расејува преку сетилата во созданието и му се потчинува или се поистоветува со разумот (логиката), со страстите и со условите на средината што нé опкружува. Тој ум кога од својата расеаност ќе се врати во срцето, тогаш дејствува таму и затоа се нарекува умствена и срдечна молитва. Значи, природното пребивалиште на умот е срцето. Со неговото сконцентрирање таму и телесниот орган на срцето го чувствува присуството на Божјата благодат, се насладува, се разгорува, се весели, се стоплува и тие енергии му ги предава и на целото тело. На тој начин имаме и преобразување на човековото тело.
Така, кога умот (најсуптилното внимание) се наоѓа во разумот и таму се моли, тогаш тоа се нарекува разумна молитва. Меѓутоа кога умот влегува во срцето и таму самодејствува молитвата, тогаш тоа се нарекува умно - срдечна молитва. Затоа треба да правиме јасна разлика. Едно е разумната молитва, а друго е умно - срдечната молитва. Ова го велам затоа што некои луѓе разумната молитва ја нарекуваат умствена молитва. Повторувањето на молитвата “Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме” со разумот, со употреба на бројаница, ја нарекуваат умствена молитва, но таа молитва е разумна молитва.