Тодоровски ослободен од обвинението за злосторничко здружување
Градоначалникот на Општина Аеродром, Кирил Тодоровски, кој е обвинет за примање поткуп од 100.000 евра, нема да одговара за злосторничко здружување. Обвинителството вчера во завршниот збор го смени обвинението против градоначалникот и против четворицата негови соработници. Тие сега нема да одговараат како организирана група, туку само за примање поткуп и за помагање. Тоа значи дека, ако се докаже евентуална одговорност во овој случај, казната против обвинетите ќе биде значително пониска.
Судењето сега е пред пресуда, а процесот вчера беше одложен за да може одбраната да ги подготви завршните зборови. Според најавата, адвокатите на сите обвинети ќе бараат ослободителна пресуда за своите клиенти. Тие сметаат дека од сите докази и од изјавите на сведоците се потврдило дека во случајот нема поткуп. Тодоровски, кој сега се брани од слобода, беше во притвор од април годинава. Тој сега ја извршува градоначалничката функција откако беше ослободен со кауција од над половина милион евра во недвижности.
Освен Тодоровски, обвинети се и раководителот на Секторот за комунални работи и урбанизам Сашо Стојчески (49), соработникот за односи со јавноста Ангела Зафировска (34), соработникот за финансиско работење во Општина Аеродром, Рената Саздовска-Колева и соработникот за јавни набавки Петар Гајдов (37).
Обвинителството ги товари дека тие го искористиле Здружението на граѓани за доизградба на црквата „Свети пророк Илија“, што било формирано во јуни 2006 година и во кое сите биле членови. Според обвинението, Тодоровски од инвеститор, кој барал дозвола за изградба на градежен објект кај Средното хемиско училиште, побарал 100.000 евра како подарок наводно за доизградба на црквата „Свети пророк Илија“. Во текот на процесот Тодоровски тврдеше дека е невин и дека го наместиле. Тој објасни дека инвеститорот донирал 100.000 евра за црквата и за тоа бил склучен договор за донација. Инвеститорот исто така сведочеше на судењето. Тој потврди дека му барале поткуп и си ги бараше парите назад.
Дневник
Уште еден голем минус од мене за оваа самобендисана власт.