Во далечните шеесетти години од минатиот век имав среќа да се сретнам со еден од нашите први романсиери, Димитар Талев. За време на една моја посета во Софија барав да ја купам тетрологијата на Д. Талев, која ја сочинуваат делата „Преспански камбани“, „Железниот светилник“, „Илинден“ и „Гласовите ви ги слуша“. Наидовме на една продавница на стари книги, во центарот на Софија, каде што се погоди продавач Македонец, од Галичник. Тој ни рече дека книгите од Д. Талев се распродадени и не упати во друга поголема продавница на стари книги. Само што тргнав со мојот пријател кон другата книжарница продавачот задишан не стигна и ни рече да се вратиме во книжарницата за да не запознае со големиот македонски писател, чиишто книги ги баравме. Пред нас стоеше висок, слаб 70-годишен старец, со бела коса и со дебели очила, на чиешто лице се читаше среќа што ги бараме неговите дела. Мојот пријател го праша зошто во делото „Илинден“ пишува толку црно за македонскиот народ, а тој одговори: „А, што може да се пишува за македонскиот народ освен за неговата тежина“. На прашањето зошто во делото „Илинден“, каде што зборува за Апостолот (се мисли на Г. Делчев) напишал дека сме Бугари, рече: „А, како мислевте да излезам од занданите ако не напишев така?“. Тогаш ни објасни дека пред да излезат книгите што ги пишувал додека бил в затвор, прво рецензија правела полицијата, и дека трипати пишувал дека сме Македонци и ракописите му биле враќани, за конечно да го натераат да напише дека сме Бугари (тоа е место во делото каде што Г. Делчев се состанува со група војводи) и да биде пуштен од затвор. Ни рече дека има напишано дела колку што има години. По враќањето во Скопје, ја посетив внуката од брат на Д. Талев. Таа се израдува на поздравите што и ги донесовме, и при тоа ми рече дека нејзиниот чичко толку многу се чувствува Македонец, што до својата машина за пишување чува камен донесен од Марковите кули, да го потсетува на нив, а и на куќата во која живее е копија на онаа од Прилеп. Д. Талев го доживеав како голем македонски писател што пишува за својата татковина Македонија, а за тоа придонесоа средбата со него и читањето на неговите дела. Нека не ми забележат македонските писатели, но ако Ф. Енгелс рекол: „Доколку Франција биде потопена и останат делата на В. Иго, секој човек читајќи ќе сфати како живеел народот во Франција пред потопот“, јас истото го велам за Д. Талев. Ако на македонски јазик се испечатат неговите дела, ќе дознаеме многу за животот на македонскиот народ во тој период.
Tekst od vesnik izvaden