Меккејн застана на здрава штица
Сара Баракуда ќе дрма со САД!
Републиканската кандидатка за потпретседател на САД, Сара Палин (44) деновиве е топ-тема на американските и светските медиуми. Од тотален анонимец, убавата Сара стана личност број еден, особено што нејзината биографија е преполна со "возбудливи таблоидни факти" кои ги полнат страниците и термините на сите медиуми.
Во средното училиште ја викале "Сара баракуда", била мис на еден избор во САД во далечната 1984 година, капитен на училишна кошаркарска екипа, сака риболов, била спортски новинар на локална телевизија во Алјаска од каде доаѓа, мајка е на пет деца, од кои единиот син од идниот месец заминува да војува во Ирак.
Метеорскиот подем на Сара Палин, за која Американците досега ништо не чуле, почна пред две години кога беше градоначалничка на едно мало гратче во Алјаска со само 6.500 жители. Од тогаш, велат, со својата решителност, наметливост, а секако и со изгледот, успеа да му се доближи на републиканскиот кандидат Џон Меккејн, кој завчера и официјално на јавноста и ја претстави својата нова заменичка:
"Сакам некој кој ќе го раздрма Вашингтон, некој со јаки принципи, борбен дух и длабоки чувства" - изјави по тој повод Меккејн.
Сара за возврат одговори онака како што и беше претставена: "Не влегов во владата за да работам сигурни и лесни работи"!