ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН
Глава 13
ПОМОШ MK
1 А јас застанав на песокта од морскиот брег. И видов Ѕвер, како излегува од морето, кој имаше десет рогови и седум глави, а на неговите рогови десет круни и на неговите глави богохулни имиња.
2 И Ѕверот, што го видов, беше како леопард, и нозете му беа како на мечка, а устата како на лав. И змевот му ја даде својата сила, и својот престол, и голема власт
3 И видов една од неговите глави, како да е смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И се зачуди сета земја и тргна по Ѕверот,
4 и му се поклонија на змевот, што му даде власт на Ѕверот, му се поклонија и на Ѕверот, велејќи: „Кој му е еднаков на Ѕверот, и кој може да војува против него?”
5 И му се даде уста, која зборува големи зборови и богохулства, и му се даде власт да прави така четириесет и два месеца.
6 И ја отвори својата уста да хули против Бога, да го похули Неговото име, и Неговиот Шатор, и оние, кои живеат во небото.
7 И му се даде да завојува против светите и да ги победи, и му се даде власт над секое племе и народ и јазик и народност.
8 И ќе му се поклонат сите, кои живеат на земјата, чии имња не се запишани во Книгата на Животот на Јагнето, заклано од создавањето на светот.
9 Кој има уво, нека чуе.
10 Кој води во ропство, и самиот ќе биде одведен во ропство; кој убива со меч, и самиот треба да загине од меч. Тука е трпението и верата на светите.
11 И видов друг ѕвер, како излегува од земјата, и имаше два рога, како кај јагне, а зборуваше како змев.
12 И тој ја вршеше власта на првиот Ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот Ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена.
13 И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето.
14 Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата, што му беа дадени да ги прави пред Ѕверот, велејќи им на жителите на земјата, да направат лик на Ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив.
15 И му беше дадено да вдахне дух во ликот на Ѕверот така што ликот на Ѕверот да прозборува, и да направи да бидат убиени оние, кои нема да се поклонат на ликот на Ѕверот.
16 И направи сите - мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови - да им се даде ознака на десната рака или на челото,
17 и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној, кој има ознака: името на Ѕверот или бројот на неговото име.
18 Тука е мудроста. Кој има ум нека го пресмета бројот на Ѕверот, зашто е број на човек. а неговиот број е: шестотини шеесет и шест
--- надополнето: 9 октомври 2013 во 09:58 ---
ОТКРОВЕНИЕ НА ЈОВАН
Глава 17
ПОМОШ MK
1 И дојде еден од седумте ангели, кои ги имаа седумте чаши, проговори со мене и рече: „Дојди да ти ја покажам пресудата на големата блудница, која седи на многу води,
2 со која блудствуваа земните цареви, а жителите на земјата се напија од виното на нејзиното блудствување.”
3 И ме одведе, во духот, во пустината: и видов жена како седи на црвен ѕвер, кој беше полн со богохулни имиња и имаше седум глави и десет рогови.
4 А жената беше облечена во пурпурно и во црвено, и украсена со злато и со скапоцени камења и со бисери, држејќи во својата рака златна чаша, полна со гнасотија и нечистота од нејзиното блудство,
5 на челото пак и беше напишано име - тајна: големиот Вавилон, мајка на блудниците и на земните гнасотии.
6 И ја видов жената како се опива со крвта на светите и со крвта на Исусовите сведоци. И се зачудив многу кога ја видов.
7 И ангелот ми рече: „Зошто се чудиш? Јас ќе ти ја кажам тајната на женава и на ѕверот, кој ја носи и има седум глави и десет рогови.
8 Ѕверот, што го виде, беше и го нема, и ќе излезе од Бездната за да отиде во пропаст. И ќе се зачудат земните жители чие име не е запишано, од создавањето на светот, во Книгата на Животот, кога ќе видат дека ѕверот беше и го нема, иако тој е.
9 Тука е умот, што има мудрост! Седумте глави - тоа се седумте гори, врз кои седи жената.
10 Тоа се и седум цареви, од кои петмина паднаа, едниот е, а другиот уште не дошол, а кога ќе дојде, треба да остане малку.
11 Ѕверот, пак кој беше и кого го нема, е осми, и е од седумте, па оди во пропаст.
12 И десетте рогови, што ги виде, тоа се десет цареви, кои уште не зацаруваа, но ќе ја примат царската власт со ѕверот за еден час.
13 Овие се истомисленици, па ќе му ја предадат својата сила и власт на ѕверот.
14 Овие ќе војуваат против Јагнето, но Јагнето ќе ги победи, зашто Тој е Господар над господарите и Цар над царевите, а со Него се повиканите, избраните и верните.
15 И ми рече: „Водите што ги виде, каде што седи блудницата, тоа се луѓето и множествата, народите и јазиците.
16 И десетте рогови, што ги виде, и ѕверот, тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја направат пуста и гола, и ќе и го изедат месото, и ќе ја изгорат со оган,
17 зашто Бог им даде во нивните срца да ја исполнат Неговата замисла, да дејствуваат едномислено и да му го дадат своето царство на Ѕверот, додека не се исполни Божјото слово.
18 А жената, која ја виде, е големиот град, кој царува над земните цареви.”