413. Myths Of The Near Future - Klaxons (2007)
Ова е единствениот албум на листата за кој однапред знаев каква оценка ќе добие! 5/5, да можеше повеќе, секогаш максимумот би го дал.
Klaxons, заедно со Muse се еден од моите 2 најомилени бенда на сите времиња. Не знам само колку пати го имам преслушано и Myths Of The Near Future, и Surfing the Void. Тие се бенд кој ми ги одбележаа годините кога веројатно бев најзаинтересиран за музиката, воопшто. Всушност, Klaxons и се Muse, само Muse на стероиди. Ги обожавав, ги обожавам, веројатно и секогаш ќе ги обожавам. Запрепастувачки ми е само колку многу луѓе имаа оставено коментар на генераторот дека е штета што до сега не слушнале за бендов. Не знам дали е само до мене, ама до пред малку мислев дека не постои човек на планетава кој не го видел овој настап, од Brit Awards 2008:
Ни сам не знам колку пати имам држено ритам на Golden Skans, колку пати ја имам преслушано It's Not Over Yet, колку имам безвезно танцувано (секако, кога никој не ме гледа) на Atlantis to Interzone, колку имам уживано во Gravity's Rainbow и Magick... Ова беше албум кој ми ги отвори очите дека можеш да уживаш и да сакаш нешто поинакво. И тоа не било какво поинакво, туку такво што е уникатно, единствено на светот, за кое дури и измислија свое име: „new rave“.
Морам да признаам дека Surfing the Void ми е позрел, по-гитарски, по-рокерски, по-кул и поубав албум од овој. Но овој е тој со кој ги открив, со кој ме маѓепсаа, ми раскажаа некои митови од блиската иднина, не однесоа на виножитото на гравитацијата и на крај ми рекоа дека не е готово, уште! И не беше готово. Барем уште неколку години не беше...
А кога веќе беше готово и кога веќе не можев да ја слушам таа вокална хармонија на гласовите на Џејми Рејнолдс и Џејмс Рајтон во нови проекти, ветуваше тоа што Рајтон издаде и соло албум. Но далеку беше тоа од Klaxons, па така он остана најпознат по тоа што се ожени (и ако не се лажам, уште е женет) со Кира Најтли.
И како што велат - надежта последна умира, па така една искра надеж во мене никогаш не згасна. Таа искра надеж постојано ме потсетува дека можеби, It's Not Over...
...Yet!
P.S. Сабајле кога видов дека конечно ми се падна албумот кој најмногу го чекав иако од сите тука најдобро го знам, толку бев импресиониран и восхитен надевајќи се дека ќе биде ова убав ден (а не и дека не беше), што кога почна Atlantis to Interzone, еден ќелав средовечен маж со слушалки во уши си дозволи да не го боли курот за ништо и неговиот безвезен танц беше одигран на автобуска станица додека чекаше автобус. Сега се надева дека не го виде никој како и секогаш до сега.
