Вака... Многу огорченост, вулгарности, неоправдани и непоткрепени критики; повеќето од критиките беа црно-бело принципирани, значи или ич не чиниме, или најдобри сме... па добро бре луѓе, ретко кој на темава даде еден балансиран пост, без, или да плука на се’ и сешто, или да се колне во светоста и невидените дострели на нашата литература... Па кај нас, ако моменталната книжевна дејност е во декаденција, не значи дека немаме добри автори и дела, или дека сме немале во минатото... а не е и се’ розово, тоа е факт... Ајде ќе се обидам да дадам една хронолошка гледна точка на тоа што е добро, а што не (од она што го имам прочитано, секако).
Прво, нема да коментирам за нашата дејност пред 19 век, ќе се задржам на граѓанската литература (ќе ги испуштам оние десетина века книжевна дејност во Македонија), ами ќе ги спомнам оние моменти, кои би ги ставил на рамниште на светски класици...
19век, македонски роматизам, патриотизам, лутање, експерименти...
Прличев: Втор Омир, е сега тоа што „Сердарот“ и „Скендербег“ ги пишувал на грчки, а обидот за превод на истите на словенски завршил катастрофално, не значи дека треба да го отпишиме човекот. Да го оживееш хомеровиот стих после толку векови, та и милениуми, и да го искомбинираш со нашиот народен осмерец, создавајќи притоа достоинствена литература со високи естетски вредности, а во контекст на своето, револуционерно, романтично време... тоа е мајстор. Штета што не се преведува и издава надвор како македонска книжевна класика.
Миладиновци, Жинзифов, Мисирков... пред се’, браво за одличната поезија. „Т’га за југ“ - вистинска антологија. Едни од првите граѓански поети кај нас. Тематика од историјата, културата, индивидуалниот живот, трајно вплетени уметнички идеали, печатени со тискот од своето време на романтизмот.
Цепенков, Шапкарев, ... иако не се оригинални автори, заслужуваат да се прочитаат (посебно 10те томови на Цепенков, во издание на Конески), тие се споменици на нашето нар. творештво, баладите, сказните, и сл., одлична лектира за малите деца од Македонија...
Ај да не тупам многу, се префрлам на македонска драма; Чернодрински, Антон Панов, Васил Иљоски... вистински ремек-дела земени од реалниот живот. Многупати играни, познати, признати, што да се каже повеќе.
Од меѓу двете светски ќе го спомнам Кочо Рацин - мајсторот на лириката. Толку емоции, толку едноставност, а толку естетика! Преведуван, признат, познат, пее за љубовта, тагата, маката, човечноста, итн. Еднаш на еден семинар во странство муабетевме со еден од инструкторите од Австрија (средовечен човек), и него првата асоцијација за Македонија му беше Кочо Рацин. Човекот ми кажуваше дека во младоста (шеесетти и седумдестетти), кога тој беше живеел во Париз, немало една литературна вечер а да не се чита Рацин на француски препеан. Ми кажа дека „Бели мугри“ напамет ја знае!
Ајде сега да се зафатам со македонски роман, за време на СФРЈ. Баталете Владо Малески, и сите оние ангажирани партизански поети и писатели, се’ тоа е наменска литература. Туку, што е со „Големата вода“? Според мене, му парира на „Мостот на Дрина“ по метафоричност, поетика и реализам. Иако некој ќе го оквалификува како остарена тематика, и што ли уште не, сепак романов има доста човештина во себе... Па Славко Јаневски... што е со „Две Марии“?Чиста авангарда, една елаборирана, но несекојдневна техника, чиста уметност, потсетува на некој латиноамерикански или шпански успешен експеримент, интелектуална екставаганца, ништо помалку... Па да не зборувам за „Кучешко распетие“ и останатите од тој циклус. Ајде да ве наведам малце и на „Црно семе“, панданот на Б.Травен и „Бунтот на бесените“!
Ај сега и за поезијата. Мене лично како читател Радован Павловски ме имресионира! Крал на метафорите, дефинитивно! Па после и Конески, („Ангелот на Света Софија“, Тешкото“, „Везилка“, целата „Стерна“...), Гане Тодоровски, Матеја Матевски, и на ним сличните, од старата гарда... па Гане и сонети пишуваше, бре ееееј! И не се воопшто излитени, ниту застарени, напротив, секогаш ми се многу свежи и живи...
За Петре М. Андреевски ќе одделам цел параграф, оти човекот е неверојатен! Прво, поезијата... неверојатна е Дениција, поетските меридијани и фреквенции кои ги опфаќа човеков... Малку чуден, ама добар. Потоа, класиците како „Пиреј“ „Небеска Тимјановна“, „Последните селани“, итн. му се неверојатни. Само сетете се на она:
„-Лошото време го прават лошите луѓе, велеше Лазор Ночески, и нема лошо време што е подалеку од луѓето.“ („Пиреј“, 1980)
Ај конечно и за денешнава книжевност. Ами кај е Гоце Смилевски (младичот со позлатена рака), Венко Андоновски (не ми е најомилен, ама е доста добар), Драги Михајловски (прозата му е одлична, плус преводите од англиска литература му се натприродно добри), Ферид Мухиќ, и останатите? Та мене ми е гајле дали биле партиски определени, дали биле сите саде академци недоучени, јас како читател ако им го сакам творештвото, со тоа не треба да се замарам! Та и еден Милтон, кој знаеме што и’ дал на светската книжевност, бил политички определен и верен на Пуританците, и тој едно време седел во удобна фотелја, јадел пиел и носел најскапо, и бил привилегиран!
А за проблемот со нечитаноста со нашите автори, тоа најмногу е до непостоењето на здрава социјална средина. Тогаш кога списоците со лектири ќе се исчистат од ѓубрето партизанска литература (а тоа е така оти уште се водат нашиве по социјалистичка наставна програма), кога секое дете ќе ги чита редовно лектирите и правилно ќе му биде дозволено самото да ја открие убавината во нив, е тогаш ќе можеме да зборуваме за создавање на една меродавна, здрава читателска генерација, која сигурно нема еден никаков бестселер како „Да Винчи декодиран“ да го стави пред „Папокот на светот“!. А со таквата публика ќе се создаде и еден добар книжевен пазар, кој ќе инспирира плејада на нови творци. А овие глупостиве со пост-модернизмот, и слично, се’ тоа е минлива мода, која може и веќе е дотраена. И
на крај, на потег е и нашиот маркетиншки потенцијал, либерализацијата на издавачкиот пазар, и другите двигатели на развојот на нашата литература...:smir: