Гардијан тврди дека во Бугарија се зборува македонски јазик
недела, 19 април 2009, 18:48
Освен бугарски, главни јазици се македонскиот и турскиот. Вака, влијателниот лондонски „Гардијан“ во профилот за Бугарија пишува за јазиците што се зборуваат кај нашиот источен сосед.
Профилот во кој Гардијан ги претставува фактите за Бугарија вклучувајќи историски, географски, економски и други податоци со кои се дава слика за состојбите во државата, ја возбуди бугарската јавност. На популарните интернет страници се коментира дека Гардијан е весник кој ја претставува традиционалната британска антибугарска политики. Прашуваат каде се зборува македонски јазик и дали тој воопшто постои, а за Гардијан се вели дека е весник на неписмени.
Возбудата од Гардијан не се пренесе во Роженскиот манастир каде денеска традиционално се чествуваше годишнината од смртта на Јане Сандански. Било мирно и без масовно полициско присуство.
Бугарската држава не го признава македонскиот јазик. Тоа и беше причина што двете земји до 1999 година немаа потпишано ниту една спогодба, иако Бугарија беше меѓу првите земји што ја призна независноста на Македонија. Во февруари 1999 со спогодбата потпишана меѓу тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов јазичниот проблем беше премостен со формулацијата „јазикот во уставот на земјата“. Со проблеми се соочува и партијата на македонците во Бугарија. Веќе три месеци ја чекаат одлуката на Врховниот Суд откако софискиот не им дозволи да се регистрираат како политичка партија.
Среќко Поповски