Пред да почнам да пушам ја терав мајка ми да ги остави цигарите и постојано ја прашував зошто не ги остави. Нејзиниот одговор не беше дека не може, туку дека не сака. Не можев да ја разберам тогаш, но сега знам што сакала да каже.
Познавам личност која ги откажа цигарите за навек, но откако и беше забрането од доктор бидејќи беше фатално за нејзиното здравје.
Сум пробала да намалам, но никако не сум успеала да ги откажам. Не пушам долго време, некои пет години, но не можам сега да замислам да не запалам додека пијам кафе, после јадење или додека сум на работа пред монитор. Многу често ми се случува да не можам да дишам после цела кутија (некогаш и до две), да не можам да се вратам од кашлање, но кога ќе станам утредента не сум промашила да не запалам една (две, три, пет) со првото кафе.
Еве настрана тоа, сигурно ви се случило да седите сами, гледате телевизија и палите цигара. Тука нема кафе, нема друштво (нели најмногу се пали тогаш), а цигарата ви е во рака. Зошто тогаш? Некоја сигурност со нешто во раката? Досада, па ај ќе тргаш и ќе дуваш чад?
Еве баш сум во период кога се обидувам да не пушам една кутија на ден, веќе втор ден успевам да останам само со 10 цигари и подобро се чувствувам. Болките во градите се намалија, полесно ми е кога ќе се разбудам. Но, знам дека кратко ќе трае тоа и дека пак ќе си продолжам по старо се додека не ме стега толку силно во градите и не ми се лоши. Завчера не можев да стојам на нозе од што ми се лошеше, имав вртоглавици и се исплашив.
Како и да е, не ни помислувам да ги оставам скроз. Дали е тоа слабост или друго, не знам. Ама слатки ми се бе!