Веднаш по примирјето на ФИА и Здружението на тимовите од Формула 1, ФОТА, беше објавена официјалната листа со учесници во „најбрзиот циркус“ за идната година, на која се најдоа сите од провизорниот список објавен пред две недели.
Тогаш ФИА објави 13 тима, но пет од нив беа членки на ФОТА, кои беа условени да потпишат нови договори со кои ќе се обврзат кон Формула 1 ако сакаат да учествуваат во неа следната сезона.
Во меѓувреме осумте членки на ФОТА победија во психолошката војна, со закани дека ќе формираат паралелна натпреварувачка серија, ако ФИА не ги повлече новите правила за 2010.
ФИА отстапи пред барањата на Ферари, Мекларен, Рено, БМВ заубер, Ред бул, Тојота, Брон ГП и Торо Росо, па така сите тие се најдоа на официјалната листа за следната сезона.
В година ќе се натпреваруваат сите 10 актуелни тимови во Формула 1, што значи и Вилијамс и Форс Индија, кои не се членки на ФОТА.
Покрај нив, нови тимови ќе бидат британскиот Мејнор, американскиот УС Ф1 и шпанскиот Кампос, кои остануваат на списокот и покрај тоа што ФИА не успеа да го воведе ограничениот буџет од 50 милиони евра што одеше во прилог на тројцата дебитанти.
Сите три тима ќе ги користат моторите на Косворт, кој во моментов нема „тезга“ во Ф1.