Кими во Ред Бул или Рено?
И покрај најавата дека поранешниот светски шампион во формула 1, Кими Раиконен е многу блиску до потпис на договор со МекЛарен сепак покрај англискиот тим во конкуренција за ангажирање на финскиот возач се наоѓа и Тојота, а според француските медиуми во трката се вклучуваат уште Ред Бул и Рено.
"Преговараме со неколку тима и се уште не е донесена конечната одлука. Рано е да се објавуваат детали, но набргу се ќе се знае", изјави менаџерот на Раиконен, Стив Робертсон.
Францускиот дневен спортски весник тврди дека Рено за новата сезона би сакал да има нов состав, кој ќе го врати тимот во врвот. Деновиве се очекува официјализирање на ангажманот на Роберт Кубица, а за второто место кандидат покрај Раиконен е и Ник Хајдфелд од БМВ Заубер.
Двајцата возачи се во конкуренција и за место во Ред Бул, кој по одличната сезона има големи амбиции и за новиот шампионат во кој би сакал да се вклучи во трката за титулата.
Сепак поради фактот дека сезоната се уште е во тек се претпоставува дека ниту еден од тимовите нема да брза со активностите на пазарот и се смета дека конечните одлуки околу составите на тимовите ќе бидат познати на почетокот од новата година.