60 години РК "Борец" од Велес
Гордост на ракометот во Македонија
Убавата спортска бајка на ракометот не започна во салата Гемиџии" во Велес, туку на Градскиот стадион пред 60 години
Ракометниот клуб Борец" од Велес го одбележа своето шестдецениско постоење. Достојно, како и што доликува на еден од првите и најдобри ракометни клубови во Република Македонија.
Велешани отворено велат дека за ниту еден друг клуб нема така голем интерес и поддршка кај публиката како кон ракометниот клуб Борец", кој од наредната сезона повторно ќе се врати меѓу најдобрите, односно ќе се најде онаму каде што и му е местото. На прославата ги имаше над четири илјади. Дојдоа да се поклонат пред успесите на сите оние што го овековечија името на клубот и воопшто на ракометот. Убавата спортска бајка на ракометот не започна во салата Гемиџии" во Велес туку на Градскиот стадион пред 60 години. Своите корени Борец" ги започна во далечната 1953 година. Прво под името Железничар", се до 1963 година, кога се преименува во Борец", името што го носи и денеска. Формиран од ентузијасти за да се извиши до највисоката прва Сојузна ракометна лига на тогашна Југославија.
Најславните моменти ракометарите на Борец" ги доживуваат во сезоните 1967/68 и наредната 1968/69. Тоа се двете години кога Борец" настапуваше во првата Југословенска лига, тогаш најсилна по квалитет во цела Европа. Велешани забележаа едно осмо место и настап во финалето на купот, каде што се поразени од Бјеловар" со 21:13", вели Панче Николовски, некогашен тренер и ракометен експерт.
И по испаѓањето од друштвото на најдобрите на Југославија велашани не се откажаа од својот Борец. Тие со него беа и во најтешките моменти. По надминувањето на финансиската криза Борец повторно стана најдобар. Вториот најуспешен период е во 1994 година кога Борец го освои купот на Македонија, а наредната сезона стана и државен првак. По повеќегодишна пауза РК Борец" повторно се врати меѓу најдобрите во Република Македонија. Велешани повторно се со него. Новите ракометари ќе ги продолжат успесите на Мијаков, Гајдов, Кирков, Клинчаров, Димитровски, Кратовалиев, Гигов и многу други кои со својата игра ги удрија темелите на оваа спортка екипа која претставува гордост не само за Велес туку и на Македонија.
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=F0413835B301914E9B9A140BFEE827BA