Френклин Висенте, нов Бразилец во Шкендија?
Стенио Жуниор значително ги засили редовите на Шкендија откако пристигна од Пелистер во зимскиот преоден рок, а раководството на клубот најверојатно ќе му доведе бразилско друштво ова лето. Според најавите на „Лајм“, Шкендија е заинтересирана за ангажман на напаѓачот на словенечкиот прволигаш Олимпија Љубљана, Френклин Висенте.
Се работи за 24-годишен левокрилен играч кој изминатава сезона одиграл 14 натпревари за Олимпија и нема постигнато погодок. Претходно, шест месеци играл и како позајмен фудбалер во редовите на Целје, а фудбалските почетоци ги имал во славниот бразилски клуб Сао Паоло, каде сепак не успеал да се наметне.
Дали најавите на „Лајм“ ќе се потврдат, ќе покаже летниот преоден рок. Во моментов раководството на Шкендија сигурно е фокусирано на завршницата од шампионатот на Македонија, каде со последните одлични резултати тимот доби шанса да се бори и за излез на европска сцена. Шкендија во моментов се наоѓа на петтата позиција на табелата со 51 освоени бода, исто колку и Пелистер, а има еден бод помалку од досегашниот шампион Вардар, кој е на четвртото место.