Скршени столчиња, претепани навивачи, колапс на навивач на трибина, недолично навивање, влез на навивач на теренот беа дел од декорот на синоќешниот полуфинале меч помеѓу Амак СП и Фени кој фрли дамка на одличниот натпревар кој го прикажаа актерите на теренот. Организацијата на купот се претвори во фијаско. Незамисливо е како може воопшто да се започне еден натпревар без притоа да не биде озбезбедно дежурно амбулантно возило.
Навивачот на Фени кој колабираше по жестокaта интервенција на охридската полиција едвај спаси живот. Тој колабираше на трибините и благодарение на неговите другари беше изнесен на раце од салата. По интервенцијата на надлежните првата помош пристигна при што беше избегната поголема трагедија. Според нашите инфорамции состојбата на повредениот е стабилна.
Кај неутралната публика на натпреварот остана дилемата дали полицијата не реагираше повеќе од жестоко во скротувањето на педесетина голобради мочиња, од кои најголем дел беа малолетници. Дали употребата на сила беше во границите на дозволеното и дали полицијата нема и други методи да спречи навивачки немири, доколку однесувањето на кавадаречките навивачи воопшто така може да се окфалификува. Подготвена ли беше организацијата за куп натпреварот за доаѓањето на навивачи од други градови и дали реакцијата на органите на редот не беше претерана?
Ohridnews ја контактираше охридската полиција од каде најавија дека во текот на денот ќе не информираат за синоќешната интервенција на полицијата во спортската арена „Билјанини извори“ која со посредство на камерите на националната телевизија ја проследи пошироката македонска јавност.
Полицијата во смирувањето на тензиите и инцидентите во спортската арена Билјанини извори за време на одигрувањето на полуфинслниот натпревар од купот на Македонија во кошарка помеѓу Амак СП и Фени индустри, одигран синоќа, постапила според службените овластвувања и соодветно на дадената ситуација, информира СВР Охрид во соопштението за јавност. Во него се додава дека всушност полицијата спречила поголем инцидент кој бил инициран од навивачите од Кавадарци:
„На ден 13.03.2008 година, во Спортската сала ,,Билјанини извори,, во Охрид, нарушен е јавниот ред и мир односно случена е тепачка во која учествувале лицата Л.М. роден 1985 година А.Ч. роден 1978 година И неговиот брат Р.М. роден 1987 година, сите од Кавадарци.
Нарушувањето се случи за време на одигрувањето на кошаркарскиот натпревар помеѓу екипите на ,, Амак-СП,, од Охрид и ,, Фени Индустри,, од Кавадарци, во момент кога лицето Л.М. член на навивачката група ,, Лозари,, кој претходно се довел под дејство на алкохол, започнал вербална расправија со лицето А.Ч. кој бил дел од обезбедувањето на екипата на ,,Фени Индустри,,. Расправијата набрзо прераснала во меѓусебна тепачка во која, се вклучил и Р.М. од Кавадарци, брат на алкохолизираниот навивач кој подоцна со рака оштети односно искрши неколку столови во ходникот од салата.
Откако лицата учесници го игнорирале присуството на униформираните полициски службеници и нивната усно дадената наредба за престанок на тепачката, од страна на еден полициски службеник врз лицето Р.М употребена е гумена палка во пределот на левата нога.
Учесниците во тепачката се приведени во СВР Охрид а навивачката група ,, Лозари,, со полициска придружба безбедно е испратена од Охрид“, се вели во соопштението.