ФУДБАЛ ВТОРОПЛАСИРАНИОТ МЕТАЛУРГ ВО ПОТРАГА ПО ЗАСИЛУВАЊА ВО НАПАДОТ
Алтипармаковски и Несторски новогодишна желба на „Железарница“
Младинските репрезентативци кои имаат интернационална кариера во Грција и Чешка во редовите на Металург би пристигнале како позајмени играчи со кои би се атакувало на првата позиција
Второпласираниот фудбалски тим по есенскиот дел од сезоната во македонското прволигашко друштво Металург заврши со празнувањето. Стручниот штаб и раководството преостанатите денови до почетокот на подготовките ги користат да ги направат планови за пролетниот дел. Почетокот на подготовките закажани за 11 јануари. Металург по есенскиот дел се раздели со Марко Kостенцовски и Музафер Ејупи. На обајцата им завршија договорите и истите не им беа обновени. Неизвесна е натамошната соработката со првиот стрелец во тимот Баже Илијоски има постигнато 10 од вкупно 29 есенски првенствени голови. Тој чека понуда повторно да замине на печалба.
Рокадата во напаѓачкиот ред „металурзите“ сакаат да ја направат со ангажирање двајца младински репрезентативци на Македонија од тимот до 21 година. Двајцата имаат интернационално искуство, Марјан Алтипармаковски настапува во Грција за Kсанти и Илија Нестороски во Чешка за Словачко. Со оглед дека двајцата имаат договорни обврски кон своите екипи, Металург е расположен да ги добие нивните услуги времено со заем. За да се реализира оваа новогодишна желба на тимот од Железарница, потребна е согласност од трите страни. Нестороски беше позајмен во Викторија Жижков каде што му заврши заемот, па треба да разговара со Словачко за нова отстапница.
- Засега имаме прекомандувано само 5 младинци во сениорскиот тим. Не можам однапред да кажам кого ќе ангажираме. Сакаме да го подмладуваме тимот, но нашите амбиции остануваа исти, да се тркаме со Вардар за првата позиција - вели Ѓорѓи Христов, тренерот на Металург.
Актуелниот победник во Kупот пролетва нема да го брани трофејот, но затоа пак низ првенството ќе се обиде да си обезбеди европски настап на крајот од сезоната. За таа цел Христов екипата ќе ја подготвува на домашната сцена. По воведните тренинзи во Скопје, експедицијата на „металурзите“ ќе се пресели во Негорци и Охрид, каде што треба да одигра и неколку контролни натпревари.
- Остануваме да ја темпираме формата на домашната сцена. Ќе работиме и ќе играме во услови какви што ќе го играме и првенството - вели Христов.
По есенскиот дел во кој беа одиграни 18 кола од трикружниот натпреварувачки циклус, Металург зад лидерот Вардар заостанува пет бода.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=24D883BE8123DE40A8C1566B7A178F40