http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=92211837584&id=9&prilog=0&setIzdanie=22387
Песната е на тетовските „Војводи“?
Горди се што песната што е смислена во нивно време останува да се пее и ги обединува спортските навивачи 23 години подоцна. На шега велат дека создале еден вид културно наследство
Тетовските навивачи „Војводи“ се автори на песната „Излези момче“, го потврдија претставниците на оваа навивачка група авторството на песната што деновиве е хит-рефрен, за потпевнување и за толкување.
Песната ја смислиле во 1988 година, во текот на првите месеци по формирањето на навивачката група. Ова е првата навивачка песна на „Војводите“. Пред да ја создадат, тие на стадионот ги скандирале старите слогани со кои се навивало за фудбалскиот клуб Тетекс, како: „Градот под Шара прво место бара“, „Шарпланински ѕвона ѕвонат да го поздрават шампионот“ и сл.
- Група на „Војводи“ во 1988 година беше во Белград да го гледа натпреварот Црвена звезда - Партизан. Кога се вративме, разменувавме впечатоци дека навивачите таму, освен скандирањата, пеат цели строфи, па си рековме и ние да направиме наша песна. Така се роди идејата, а текстот беше создаден спонтано - велат „Војводите“ од старата гарда, како што се нарекуваат основачите на групата.
Многумина од нив, кои тогаш имале по дваесетина години, сега се угледни граѓани на Тетово. Сегашната возбуда што ја предизвика нивната навивачка ја гледаат со радост, но и со несогласување со некои од толкувањата.
- Уште тогаш некои од нас забележуваа дека зборовите некако не штимаат, ама најважното беше да има рима, па така се споија зборовите тераса и раса - велат „Војводите“.
Револтирани се што оваа песна е окарактеризирана како расистичка и дело на хулигани.
- Песната е направена без никакви претензии. Како и сите песни, тогаш беше смислена за престиж меѓу навивачките групи, кои тогаш беа во зародиш. Сите се обидувавме да смислиме подобра песна, кореографија, слоган, натпис. Тогаш имавме по дваесетина години, сите бевме дојдени од војска, а сега веќе имаме над 40-45 години и сите сме семејни луѓе, со кариери. Некои од нас не ни одат на стадион поради презафатеност - коментира старата гарда на „Војводите“.
Горди се што песната што е смислена во нивно време останува да се пее меѓу сите и ги обединува спортските навивачи 23 години подоцна. На шега велат дека создале еден вид културно наследство.
- Дека навивачите се нешто повеќе од хулигани покажува фактот што токму оваа стара гарда на „Војводи“ летово се организираше за спасување на ФК Тетекс, бидејќи клубот остана без спонзор. „Војводите“ собраа 12.000 евра, пари што беа потребни за плаќање на котизацијата и учество, а од тој износ 8.000 евра сам даде еден од нас - велат тетовските навивачи.