Поништен баражот Силекс-Скопје
Силекс и Скопје попусто играа бараж-натпревар во Битола за место во прволигашкото друштво следната сезона, бидејќи комесарот за натпреварување во ФФМ, Миле Спиркоски, назначен од УО на Хари Хаџи-Ристески, најави поништување на мечот. Силекс победи со 2-1 и прослави опстанок во елитата, но според Спиркоски, кратовци ќе мора одново да се докажуваат во нов меч со скопјани.
- Не може да се признае нешто што е нелегитимно. Официјалните службени лица, што ние како легитимни претставници на ФФМ, признати од ФИФА и УЕФА, ги одредивме за мечот меѓу Силекс и Скопје, беа избркани. Мечот ќе се преигра, а со претставниците на двата клуба дополнително ќе се договараме за термините што им одговараат - ни изјави Спиркоски. Тој очекува враќање во просториите на Федерацијата до крајот на неделава, откако беше сменет од луѓето од Иницијативниот одбор за промени кои влегоа во ФФМ пред 15 дена.
Пандан на Спиркоски од редовите на „иницијаторите за промени” е Благоја Георгиевски. Тогаш двајцата комесари одредија службени лица за мечот во Битола, па таму се појавија 8 судии и двајца делегати. Мечот го судеше Благоја Шуклев со помошниците, одредени од Георгиевски.
- Спиркоски не ги знае правилата. Натпревар може да го суди арбитар, кој не е делегиран од Федерацијата, со договор меѓу двата клуба, а да има лиценца за Прва лига. Нас не не' интересира кој ги делегирал судиите. На документот, со кој не' информираат за местото на одигрување на мечот, стои печат од Федерацијата. Ние ги почитувавме правилата, го одигравме натпреварот и немаме намера повторно да играме. Спиркоски така може да командува со своите приватни работи. Треба да престанат филозофирањата на луѓето што го уништија македонскиот фудбал - ни изјави Добре Иванов од Силекс.
Според Спиркоски, терминот за мечот Силекс - Скопје ќе биде одреден во договор со двата клуба, а веќе е познато дека одложениот меч меѓу Шкендија и Тетекс за второто испразнето место во елитата ќе се игра во Тетово, в недела, со почеток во 16 часот. Во првиот обид, на 3 јуни, фудбалерите на Шкендија ја почитуваа одлуката на Спиркоски и се појавија на Градскиот стадион во Тетово, а „текстилците” допатуваа во Скопје, почитувајќи ја одлуката на Георгиевски.
Вчера попладне требаше да се играат три бараж-дуели за влез во Втората лига, а Спирковски најави дека и тие ќе бидат неважечки. Прилепчанецот и за нив најави нови термини, за в недела, истовремено со дуелот меѓу Шкендија и Тетекс.