КАЛДЕРОН ЌЕ КУПУВА НА ОЛД ТРАФОРД
"Кралевите" тргнаа по Хајнце
Иако не беше дел од предизборните ветувања, новиот претседател на Реал Мадрид Рамон Калдерон наскоро ќе понуди 10 милиони фунти за дефанзивецот на Манчестер Јунајтед Габриел Хајнце. Аргентинскиот репрезентативец е запознаен за интересот од Мадрид и наводно веќе дал согласност околу преселба во Шпанија.
Олд Трафорд летово извесно е дека ќе го напуштат Руд ван Нистелрој и Кристијано Роналдо, а можно е нив да им се приклучи и Хајнце, со што сер Алекс Фергусон би загубил три фубалери кои досега имаа значајна улога во клубот.
Хајнце пристигна во Манчестер во 2004 од ПСЖ за сума од 6.9 милиони фунти. Одигра одлично во својата деби сезона за "црвените ѓаволи", но ја пропушти целата мината сезона поради сериозна повреда на коленото. Тој би требало да го наследи ветеранот Роберто Карлос на левата бековска позиција, за кого Калдерон пред извесно време објави дека ќе го напушти Бернабе.