Благојче Љамчевски, прв замина од Пелистер
07 JUNE 2010
Според многумина најдобриот фудбалер на Пелистер, веќе е член на скопскиот лигаш Металург. Тој од вчера се наоѓа во Маврово, каде ги започна подготовките со новиот клуб.
Прв слободен фудбалер кој го напушти Пелистер е Благојче Љамчевски кој (не)очекувано замина за Металург од Скопје. По неуспехот да замине во Виетнам, тој од неделата се наоѓа во Маврово, каде “металурзите“ ги почнаа подготовките за наредната сезона.
Излегувањето на Металург на европската сцена и добриот финансиски трансфер, по се изгледа, биле пресудни за менаџерите на Благојче Љамчевски да се одлучат тој уште една сезона да игра во Македонија. Како што дознаваме неговиот договор е на две години верност за Металург, но со право да може да замине во јуни 2011 година.
-Тука се чувствувам одлично, и еве денес одработив два тренинзи со новата екипа. Немам проблеми околу аклиматизацијата во новиот клуб, бидејќи сите ги познавам, а со голем дел од нив сум настапувал во неколку фудбалски прволиши во Македонија, ни рече денес Благојче Љамчевски во телефонскиот разговор.
И останатите фудбалери веќе ги почнаа подготовките за нивните идни трансфери, но никој не кажува ништо, што е сосема разбирливо на пет-шест дена до преодниот рок. Што се однесува пак до заминувањето на тренерот Науме Љамчевски тој не сака да каже некои дополнителни информации за тоа каде ќе продолжи со тренерската кариера.
-Се е во игра, не е коректно да кажам до каде се преговорите со Пелистер или со некој друг клуб. Сега сум во Пелистер и работам како да останувам тука, а за другото немам коментар, вели Љамчевски.
Денес работен состанок во ФК Пелистер
08 JUNE 2010
Состојбата во Пелистер е работна, односно онаква каква што треба да биде во една фаза од подготовките за наредната фудбалска сезона, а веќе се зборува и за конкретни имиња, кои ќе бидат доведени под Тумбекафе, а секако и за оние кои ќе бидат слободни.
Во салилувањата ќе има домашни и странски фудбалери, наговестил денес претседателот Ванчо Атанасов.
Поради новиот календар кој на последната седница го донесе Комисијата за спроведување на натпреварите на ФФМ за почнување на наредната фудбалска сезона на 1 август, денес тренерот на Пелистер и претседателот на клубот се договорија летниот одмор да го скусат. Според новиот договор првата прозивка ќе се одржи на 19 јуни.
-Моравме вака да реагираме бидејќи новиот календар е поместен за десетина дена порано, а тоа ќе значи помал одмор за фудбалерите и за Стручниот штаб. За десетина дена ќе се собереме во Битола, а деновиве ќе знаеме каде и во кои термини ќе ги одржуваме подготовките, вели тренерот на Пелистер, Науме Љамчевски.
Изминатата седмица имаше состаноци на релација претседател-шеф на Стручниот штаб, претседател-Управен одбор. На состаноците станало збор за се она што е потребно да се направи за непречено да се одвиваат подготовките на Пелистер. Има неколку варијанти. Едно е јасно, а тоа е дека првите седум дена ќе бидат во Битола, а за тоа каде да се побегне од горештината ќе се знае деновиве. “Пелистерци“ имале примамлива понуда од Германија, а Стручниот штаб повеќе бил за тоа подготовките да бидат во близина. Љамчевски размислувал за Струга и најверојатно со таа идеја ќе излезел пред претседателот Атанасов.
На денешниот состанок во Битола се расправало и за тоа каква трансфер-листа ќе има Пелистер оваа сезона, односно за тоа кој и како да замине од Пелистер.
Сите слободни фудбалери на Пелистер, било договорено, да заминат од Пелистер, а Управата и тренерите да им помогнат во изнаоѓањето нови клубови. Ако фудбалерите не најдат ангажмани со кои би биле задоволни, пред се на финансиски план, тие да останат во Пелистер, онака како што ќе се договорат. Ова било коректна понуда за сите, бидејќи Стручниот штаб и претседателот биле презадоволни од тоа како тие се однесувале и ги бранеле боите на Пелистер.
Се размислува за евентуални засилувања кои би дошле во Битола, но конечната одлука нема да биде донесена пребрзо, туку ќе се направат анализи за да се донесат вистински засилувања на вистинските места.
http://informator.ws/novosti-od-bitola/14380-2010-06-08-21-26-15.html