Д-р Милан Ристески, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, е за легализација на употребата на маслен екстракт од марихуана, кој, како што објасни, го користат болни од рак. Д-р Ристески вели дека неодамна во „Американ сајантист“ била објавена студија работена на „Харвард“, инаку трета фаза, за влијанието на канабисот врз карциномот на белите дробови.
- Удвоено е времето на преживување кај пациентите што примале маслен екстракт. Маслото од канабис содржи состојка што ги блокира рецепторите за раст на туморот. Кај пациентите во истражувањето се зголемил апетитот, а се намалило разградувањето на мускулната маса. Прашање на време е, на година-две, кога очекувам да влезе во протоколи за употреба, лекување. Тоа значи да стане официјален лек. Треба да се стандардизираат составот и дозите и да се најде оптималниот сооднос на канабиноиди - вели Ристески.
Проблем што може да се отвори е големите производители да не сакаат да вложуваат во производство, оти немаат право на патент. Никој не смее да патентира нешто што произлегува од традиционална медицина. А во годините кога е заштитен патентот никој освен оној што го заштитил не смее да го произведува лекот, што значи голема заработувачка.
- Во земјите во кои е легализирана употребата на марихуана за медицински цели во најголем дел од нив се користи маслен екстракт, а во помал ја пушат. Кога велам дека сум за легализација на употребата на марихуаната во медицински цели, тоа не значи дека го поддржувам нелегалното производство или поединечното одгледување. Туку сѐ да е контролирано од државата и да се произведува и употребува според медицински стандарди - додава Ристески.