Холандија соодговорна за смртта на 350 муслимани во Сребреница
Повеќе од 20 години по масакрот врз муслиманите во босанска Сребреница, холандски суд пресуди дека холандската држава сноси дел од вината за смртта на 350 жртви.
Холандскиот апелациски суд денеска изрече пресуда поред која холандските војници од редовите на мировните сили на ОН во 1995 година пред
геноцидот во Сребреница постапиле незаконски и оти се „одговорни за 30 насто од штетата“.
Апелацискиот суд пресуди дека холандската држава е „делумно одговорна за смртта на околу 350 муслимани кои се убиени во Сребреница во 1995 година“.
Како што се наведува, делумно вината паѓа на Холандија бидејќи од својата база во ОН протерала околу 350 муслимани откако околните области „биле преплавени со трупи на босански Срби“.
Холандските офицери, команданти на батаљонот кај Сребреница
Одлуката на хашкиот Апелациски суд ја потврдува онаа од 2014 година, во која се наведува дека холандските мировни трупи можеле да знаат оти мажите кои барале засолниште во базата во селото Поточари „ќе бидат убиени од страна на босанските Срби“ доколку ги натераат да заминат.
Оваа одлука се смета за преседан бидејќи ОН уживаат имунитет од кривично гонење. Меѓутоа, холандскиот случај е речиси единствен во улогата на една држава во мировна мисија на ОН, која е одговорна за своите постапки. Одлуката е изречена по тужбата која ја поднесоа
„Мајките од Сребреница“ против Холандија.
За потсетување, првостепениот суд во Хаг во јули 2014 година донесе пресуда со која Холандија ја прогласи за одговорна поради тоа што нејзиниот баталјон, под мандат на ОН, не евакуирал над 300 босански мажи во нивната воена база во Поточари, во околината на Сребреница, и оти земјата е прогласена за виновна за нивната смрт.
Холандските војници во Сребреница во 1994 година
Официјални холандски претставници тогаш наведоа оти „никој не можел да предвиди дека ќе се случи геноцид“. „Никој не можеше ниту да помисли оти во Европа во 1995 година би можел да се случи геноцид“, рече правниот застапник на Холандија Берт-Јан Хутзагрес.
Судот тогаш ги одби како неосновани наводите на мајките и сопругите на убиените Бошњаци според кои Холандија е одговорна за смртта на 8.000 мажи и момчиња, кои во јули 1995 година беа убиени од трупите под команда на
генералот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ. Денеска беше објавено дека околу стотина поранешни холандски припадници на мировните сили на ОН ќе ја тужат холандската влада затоа што ги испратила да ја бранат Сребреница во 1995 година.
Ратко Младиќ
За геноцидот во Сребреница пред Меѓународниот суд за воени злосторства извршени во поранешна Југославија со седиште во Хаг му се суди на поранешниот генерал Младиќ. На крајот од годинава се очекува пресудата. Како политички одговорен за геноцидот ,
поранешниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ веќе е осуден на 40-годишна затворска казна.
http://www.dw.com/mk/холандија-соодговорна-за-смртта-на-350-муслимани-во-сребреница/a-39434164