Многу сум сигурен дека негде имаше ваква тема ама изгледа отиде по фира или пак јас не стојам убаво со паметот. Не е битно.
Кај мене за филм да котира високо на листата, ете во случајов највисоко (топ 10) треба да биде филм кој најдобро сум го запамтил, сум го осетил. Не е филм што денес ќе го гледам и ќе речам еј филмов е прејак за топ 10 е, туку мора да помине малку повеќе време, да ти легне филмот, да го изгустираш, да го мислиш, да се сеќаваш на него, да ти има некакво влијание во животот и да го обожаваш.
Ајде една подетална листа од мене, затоа што секогаш кога некој ќе спомене кој му е омилен филм, ме интересира зошто баш тој, па горе-долу мојата листа е оваа:
10. Blade Runner
СФ не е мојот жанр, ама ги имам изгледано скоро сите негови водечки филмови и Блејд Ранер ми е дефинитивно еден од омилените филмови. Сакам постапокалипса, единствено негде малку блиску до овој филм ми дојде само Бразил, друго ништо не може да се спореди со Блејд Ранер. Океј, следниот филм ми спаѓа во ист жанр.
9. Збогум на 20 век
Дарко Митрески во стилот на најголемите режисери. Македонија, кога на светот останаа само животните + неколку домородци... Уште се плашам од Дедо Мразот. Преубав филм, премалку прифатен, специфична приказна - за мене најдобар филм од нашите простори, мислам дека нема да се направи уште еден ваков.
8. Big Fish
Најубавиот филм на Бартон, особено визуелно, еротики. Биг Фиш е приказна која не може да се заборави, понекогаш ќе се присетиш на филмов и ќе се подзамислиш по 100ти пат дали се беше вистина или фантазија. И уште многу, многу повеќе. Топол филм, среќен филм, убав, при срце ми е.
7. Amarcord
Е колку бев мал кога го гледав филмов. Го изгледав и немав појма за што се работи, единствено сеќавање ми беше тоа што многу се смеев на неколку пати. После малку потпорастев, се опаметив малку, го изгледав пак филмот и сфатив дека е далеку од тоа што сум мислел првиот пат. Абе која комедија, се скапав од размислување... Амаркорд е безвременски филм, разработен до детали, со многу впечатливи сцени кои го претставуваат она што ти сам ќе си го протолкуваш. И затоа е убав, на 7, 17 и 57 години, има нешто во долгите пејсажи поради што го сакам толку.
6. The Good, the Bad and the Ugly
Уште еден филм од детството. И воопшто еден од најдобрите кои постоеле и ќе постојат. My first sex teacher за вестерни. Добриот, лошиот и грдиот - симфонија. Ова се тие три саати кои поминуваат како три минути. Никогаш нема да се презаситам. Му ја сакам таа т.н. "No Name trilogy" на Леоне ама овој филм бајаги се издвојува од останатите два.
5. The Empire Strikes Back
Најдобриот од цела стара и нова трилогија. Не знам што многу да коментирам тука затоа што цел свет го има изгледано. Уште еден од оние филмови од детството кои остануваат, иако доаѓаат многу подобри, сепак има некое местенце тука за нив. Особено за следниов;
4. Rocky
Можеби од сите филмови на листава овој најмалку би имал логика да седи тука, ама Роки е и ќе остане филмот кој сум го гледал најмногу пати во животот. Вака е обичен филм, а и нема некоја којзнае каква приказна, ама Сталоне си е Сталоне и затоа Роки е толку високо на листава. Е овој е еден од оние филмови кои искрено не знам зошто толку многу ги сакам, сите си имаме по некој таков.
3. A Clockwork Orange
Филмот за кој (после Мулхоланд Драјв) имам поминато најмногу време во размислување. Безвременски филм, кажува многу за било кое општество и секако се работи за многу, многу повеќе, после секое гледање мислам дека се повеќе му наоѓам некаква филозофија и гледам да го сфаќам од многу аспекти, без да барам/читам дополнително објаснување. Ја прочитав и книгата, ама мислам дека филмов ја има надминато, Кјубрик - енигма до ден денес, која била неговата "вистина", ете зошто е толку јебозовно совршен.
2. Magnolia
П.Т. Андерсон е еден од најдобрите режисери на денешницава. Не за џабе Линч го смета за свој наследник, затоа што на само 29 години го има направено еден од најдобрите филмови на сите времиња, а и најпотценетиот. Не знам ни дали е во топ 250 на имдб, а и што има врска, Магнолија е најемотивниот филм што сум го гледал. Имам ритуал да го гледам филмов на секои 3-4 месеци и ете тука тие три саати исто брзо поминуваат. Има преубави цитати, оригинални приказни, глумата - перфекција и сум в крај соживеан со филмов. Том Круз се надмина себе си овде, Џулиен Мур ја одигра најдепресивната жена на филм. Немам ни една мана најдено на филмот. А инспирацијата за се произлегла од песна на Ејми Ман. Андерсон - генијалец кој допрва ќе го промени светот.
1. LotR: The Fellowship of the Ring
Ете го Господарот на Прстените. Првиот дел од трилогијата е мојот најомилен филм на сите времиња. Не би пишал овде многу, а и ми се смачи од куцање.
БОНУС
Тука се петте филма кои се најблиску до овие 10 и ги сакам од срце.
5. Pan's Labyrinth
4. The Big Lebowski
3. Vertigo
2. Love & Death
1. The Straight Story