Во услови кога цената на нафтата урива рекорди и струјата е се поскапа треба во земјава посериозно да се размислува за искористување на сончевата енергија, како алтернативен извор на енергија. Во Македонија се инсталирани околу осум илјади сончеви колектори, што е незначителна бројка. Според официјалните податоци, искористен е едвај пет проценти од сончевиот потенцијал на земјава, иако годишно имаме од 240 до 270 сончеви денови.
Аналитичарите пресметале дека ако правилно се искористува сончевата енергија на годишно ниво во земјава ќе можат да се заштедат околу 80 милиони евра за енергија.
Препораките на ЕУ се до 2010 година околу 20 проценти од електричната енергија да се произведува токму од обновливи извори на енергија.
Соња Поповска-Василевска стручен соработник за енергетика во Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ) и претседател на здружението "Солар Македонија" ги поздравува законските измени со кои сите сончеви компоненти кои ќе се увезат во земјава ќе се оданочуваат со пет наместо со 18 отсто ДДВ, како што беше досега.
-Оваа владина мерка е добра бидејќи со неа се поддржува и поттикнува искористувањето на обновливите извори на енергија - вели Поповска-Василевска.
Таа појаснува ако едно македонско домаќинство инсталира соларни колектори може да заштеди 70 проценти од енергијата што се троши за загревање на вода. На овие системи можат да се поврзат и машините за садови и за перење на алишта.
Пазарната цена на малите системи што се се користат во домаќинствата се движи од 800 до 2.500 евра, а за големите од околу 10.000 до 100.000 евра.
Источниот дел на Македонија е регион каде годишно се застапени повеќе сончеви денови, особено реонот на Дојран, каде неколку хотели веќе имаат инсталирано големи сончеви системи за топла вода. Успешно се користи соларната енергија за загревање на водата и во неколку градинки во реонот на Штипско.
Дејан Зармановски од секторот за енергетика при Министерството за економија смета дека досегашниот проект со кои во земјава се поттикнуваше искористувањето на сончевата енергија дал позитивни резултати.
Проектот трае скоро три години и се реализира со поддршка на австриската Влада, односно преку австриската Агенција за развој.
-Лани Владата презеде популарна мерка која се реализираше преку Министерството за економија и обезбеди субвенции од 300 евра за 500 домаќинства коишто се пријавија да инсталираат сончеви системи - вели Зармановски.
Според него интересот бил многу поголем бидејќи Владата го намалила ДДВ-то на пет проценти. Во соработка со австриската Влада деновиве Управата за хидрометеоролошки работи го пушти во употреба системот за мерење на квалитет на сончевите колектори, прв од ваков вид на Балканот. Во земјава во моментов има 16 компании кои произведуваат сончеви колектори и тие сега тестирањето на нивниот производ ќе можат да го реализираат во оваа лабораторија.
Валентина МАРЈАНОВИЌ