Роналдињо кратко бил член на Манчестер
Поранешниот извршен директор на Манчестер Јунајтед, Питер Кенјон ја уништил можноста Роналдињо да се пресели на Олд Трафорд во 2003 година, објавија неколку шпански медиуми. Всушност, еден од најдобрите фудбалери на денешницата неколку часа тоа лето бил сопственост на "црвените ѓаволи", но работата, сепак, не била завршена до крај. Во последен момент, Кенјон ја сменил понудата што претходно била испратена до ПСЖ, па раководството на "светците" се премислило и се повлекло од преговорите кои биле во завршна фаза.
Оттогаш за Манчестер Јунајтед било многу потешко да се оствари договор, па Роналдињо се пресели во Барселона и веќе ја игра петтата сезона во каталонскиот гигант со кои освои две титули во Примера, една во Лигата на шампионите и два пати беше прогласен за најдобар фудбалер во светот. Од друга страна, Кенјон не остана рамнодушен на милионите на Роман Абрамович и се пресели на Стемфорд Бриџ каде исто така ја извршува функцијата извршен директор.
Сепак, можно е на Роналдињо и Кенјон повторно да им се вкрстат патиштата. Англиските медиуми тврдат дека Челзи е во завршна фаза на изготвување на понуда од 60 милиони евра до Барселона за еден од најдобрите фудбалери на оваа екипа и целата работа најверојатно повторно ќе оди преку Кенјон. Роналдињо веќе втора сезона е далеку од своето ниво, постојано е цел на критики на навивачите на Барса и на медиумите и с$ почесто се шпекулира дека само прашање на време е кога ќе го напушти Ноу Камп. За неговите услуги е заинтересиран и Милан чиј претседател Силвио Берлускони летоска понуди 100 милиони евра, но Роналдињо и натаму тврди дека е среќен во Шпанија и планира уште долго време да остане таму. Ако евентуално се согласи да потпише договор со Челзи, повторно ќе работи со Хенк Тен Кате кој до јуни 2006 година беше помошен тренер на Франк Рајкард во Барселона.--------------------------------------------Izvor na nauki Makedonski Sport


: