Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски ќе дозволи експертски тим да влезе во Врховниот суд и да испита дали имало злоупотреби со АКМИС системот за електронска распределба на судските предмети по случаен избор, откако министерот за правда Биљен Саљији вчера го прозва дека само тој не дал позитивен одговор за контролата.
Вангеловски, кој во јули за изјави дека системот всушност година дена не е одржуван, бидејќи фирмата што го одржувала се повлекла, ќе треба сепак да објасни како се распределувале предметите кај судиите и како кај некои месечно се паѓале по еден, а кај други, и по повеќе од десет судски предмети.
Вангеловски обвини дека злоупотреби со автоматизираниот систем за управување со судски предмети (АКМИС) не вршел тој, туку првите луѓе на двата најважни суда во Македонија, експретседателка на Врховниот и поранешен претседател на Основниот суд Скопје 1.
„Ќе му дадеме целосна поддршка на експертскиот тим. И јас се согласувам дека мора да се направи контрола на системот дали имало злоупотреби. Јас лично потенцирав и на средбата со Прибе му кажав, дека мора да се провери дали прераспределбата била електронска и претходно. Имам информации дека еден претседател на кривичен суд и една претседателка на врховен правеле рачна прераспределба на судиите“