Движење Беса, ДУИ и Алијансата за Албанците се договорија да одат со заеднички список на локалните избори во општина Гази Баба. Велат дека така најмногу имаат шанси да го зголемат бројот на општински советници Албанци, кои ќе ги бранат интересите на заедницата во Гази Баба.
Кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, и на овие избори ќе биде единствениот албански кандидат за градоначалник на Кичево и ќе ја бара довербата за втор мандат. Алијанса за Албанците и Беса за да не му го попречуваат патот, нема да излезат со свои кандидати, и ќе го поддржат Дехари. Беса ќе има само свој список за советници во општината.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ќе се кандидира во општина Струга, а актуелниот министер за здравство, Арбен Таравари во Гостивар, Фарук Авдиу во Чаир, Аднан Незири во Тетово, Меџит Имери – Студеничани, Хисен Рамадани – Арачиново и Арбен Аголи од оваа партија во Дебар.
ДУИ до сега официјализираше неколку кандидатури. За Тетово повторно Теута Арифи, за Гостивар Невзат Бејта, во Чаир Висар Ганиу, за Арачиново Исуф Бислими, за Липково Еркан Арифи.
Боите на Движење Беса во Тетово ќе ги брани Билал Касами, во Чаир со Зеќирја Ибрахими, во Арачиново – Али Исмаили, а во Липково – Еркан Зендели.
И ВМРО-ДПМНЕ во многу општини ќе настапи со истите кандидати. Од СДСМ пак велат дека се уште размислуваат за повеќето општини. Засега се знае дека владеачката СДСМ ќе проба да ги освои општините Центар – со Петре Шилегов, Арачиново, со Миљикије Алими, Бутел – со Борче Георгиевски, Гази Баба – со Александар Наумовски и Карпош со младиот Стефан Богоев.
Додека сите зборуваат за имиња, речиси никој не ги спомнува хроничните проблеми на општините во Македонија каде и по десетина изборни циклуси стандардите за живот се далеку под европските.
Зимер Јашари