Градоначалникот кој изгриза сограѓанин ќе бара трет мандат во Чучер-Сандево
6. септември 2017 - 15:11 | Макфакс
Државната изборна комисија (ДИК) потврди дека актуелниот градоначалник на Општина Чучер-Сандево, Јован Пејковски, ќе бара и трет мандат.
Пејковски во ДИК ги доставил собраните потписи за независна кандидатура, ја поминал проверката и е на листата со независни кандидати, од кои до 14 септември се чека истакнување на градоначалничката кандидатура.
По изборите во 2013 година, кога Јован Пејковски го доби вториот градоначалнички мандат, заедно со уште двајца вработени во Општината, претепа сограѓанин и го изгриза по лицето. За тоа доби условна казна затвор во траење од три месеци, која нема да се изврши ако во рок од една година не го повтори делото. Претепаниот на суд сведочеше дека градоначалникот го претепал оти дознал дека не гласал за него, а Пејковски, пак, тврдеше дека претепаниот им се обраќал со погрдни зборови. Иако Пејковски негира дека го гризнал претепаниот, лекарите на судењето ги потврдија повредите.
Освен за оваа, градоначалникот Пејковски беше обвинет и за уште неколку физички пресметки со сограѓани.
Оваа општина на падините на Скопска Црна Гора, која според последниот попис има 8.493 жители, на претстојните избори може да се случи да има дури четири независни кандидати за градоначалник како ниту една друга во Македонија. Освен Пејковски, потписи за независни градоначалнички кандидатури собрале и Ацо Поповски, Даниел Шегмановиќ и Горан Чекаловиќ.