Еве еден текст за целава работа, преземен од НОВА МАКЕДОНИЈА, весник кој во суштина важи за близок до опозицијата и кој би требало да пишува во нивна корист но сепак за волја на вистината го обајвува следното:
Законските дубари на Заев во „Глобал“
Документите и сведоштвата сè појасно ја доловуваат сликата за тоа што се случувало во последниве две и пол години во општинската зграда при изградбата на струмичкиот трговски центар „Глобал“. Полека се разоткрива мозаикот за тоа како навистина се кроел проектот, гордост на струмичкиот градоначалник Зоран Заев. Објектот што со голема помпа беше отворен токму од претседателот Бранко Црвенковски, сепак, во себе крие и многу незаконитости, недоречености и заткулисни игри, документирани, но затворени во фиоките по државните и локалните институции. Аболицијата го закочи процесот на докажување на вистината, но тоа не е пречка за да се обелодени што всушност се случувало пред гордото сечење на црвената лента.
„Глобал“ почнува да се крои на кревки темели
Сè почнува на 8 февруари 2006 година, кога Советот на општината Струмица носи одлука за реконструкција и надградба на градскиот пазар. Сите советници (и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ) креваат рака и ја поддржуваат одлуката. Реконструкцијата треба да се изведе со јавно партнерство, а организатор е општината во име на ЈП „Комуналец“. Во имотниот лист пишува дека сопственик на земјиштето е Република Македонија, а корисник е ЈП „Комуналец“. Тука е и една од многубројните кривини на законските одредби.
Јавното претпријатие се јавува како корисник на една катастарска парцела број 1648 од 6.322 квадратни метри, а другиот дел од земјиштето е поделен на осум парцели. Во катастарската парцела 1648 влегуваат и други, за кои не е решен процесот за денационализација, а наследниците на имотот имаат поведено постапки уште од 2002 година.
На одлучувачката седница на Советот се разгледува само еден проект, подготвен од Стојан Динев, раководител на секторот за урбанизам. Како подготвувач на проектот е потпишан извесен Благој Здравев. Тој вчера ја даде следнава изјава:
- Навистина не знам кој ме ставил како подготвувач на проектот. Ништо не знам, ништо не сум направил, ништо не сум подготвил!
На тендерот за изградба на „Глобал“ (објавен на 17 февруари 2006 година, само во „Утрински весник“, а не и во „Службен весник“) се јавуваат три фирми и едно физичко лице: „Де лукс инженеринг“ на Горан Крстев, „Комбатов и син“ од Бугарија, „Реис Жарнс“ од Скопје и извесен Глигор Чабулев. Од нив, понуда доставуваат само „Де лукс“ и бугарската фирма, која нуди гаранција од само 600.000 денари.
Во случајов интересна е фирмата „Реис Жарнс“. Во графата за потпис на лицето што ја подигнало тендерската документација кај оваа фирма пишува „градоначалник“. Фирмата не е заведена на веб-страницата на Централниот регистар на Македонија, ја нема на Интернет, ниту, пак, може да се најде нејзиниот телефонскиот број на информации.
Условите на тендерот се следни: доставување ревизорски извештај, референтна листа за последните три години за ваков вид работа (која носи 30 поени), отстапени права во трајна сопственост на нарачателот од огласот (60 поени), препораки и бонитет.
Според извештајот на Централниот регистар, „Де лукс инженеринг“ е основана во 2005 година, што значи една година пред да се распише тендерот. Тоа значи дека од старт не задоволува еден од условите на тендерот за референтна листа за последните три години. Што се однесува до препораките, „Де лукс“ не доставила ниту една, бидејќи немала изградено ниту еден објект. Во заклучниот дел за позитивниот бонитет од извештајот на Централниот регистар за фирмата (21 февруари 2006 година) пишува: „Треба да се напомене дека во најголем дел финансирањето на друштвото е од туѓи средства и крајниот ефект од работењето е на граница на рентабилноста“. Освен тоа, „Де лукс“ не доставила ревизорски извештај за работењето.
Според сите законски прописи, тендерот требало да се поништи. Наместо тоа, на 17 мај 2006 година за најповолен понудувач на тендерот е избрана фирмата „Де лукс инженеринг“ на Горан Крстев, 25-годишно момче кое две години подоцна гради една од најлуксузните куќи во Струмица, вредна повеќе од еден милион евра.
Договорите незаверени кај нотар се ништовни
Градоначалникот Зоран Заев и управителот на „Де лукс“ Горан Крстев си пружаат рака и го потпишуваат договорот за соинвеститорство и заедничка градба на 27 јуни 2006 година. Договорот, спротивно на законот, не го заверуваат кај нотар.
Градоначалникот со потпишувањето на договорот му го отстапува земјиштето на „Де лукс“, а подоцна, на 10 април 2007 година, повторно му го враќа на ЈП „Комуналец“.
Изградбата на „Глобал“ продолжува.
За наследниците случајот е криминал, за општината се е чисто
За сето ова време наследниците на дел од парцелите трчаат по сите можни институции за да докажат дека градоначалникот Заев не смее да гради на земјиште што е предмет на денационализација. Уште на 6 јуни 2006 година му пишуваат на Стојан Динев, раководителот на Секторот за урбанизам и го предупредуваат дека според членот 64 од Законот за денационализација, не е дозволено располагање со имот што е предмет на денационализација.
Динев, според одговорот што им го дава, не гледа ништо незаконско во постапката. Тој им одговара дека градското пазариште во Струмица претставува објект од јавен интерес во согласност со Законот за експропријација, „поради што во претходниот период е извршено одземање на вашиот имот - земјиште што е дел од градежната парцела. Затоа, иако од ваша страна има поведено постапка за денационализација, имотот не може да биде предмет на враќање“ (12 декември 2006 година).
Пред очите на наследниците почнува масовно да се гради. Струмичката јавна правобранителка Мирјана Панајотова (инаку обвинета за аферата „Јака табак“) преку писмо ги известува наследниците дека не е надлежна да го решава нивниот проблем.
И за Илинка Трајкова, градежна инспекторка од Струмица, во изградбата на трговскиот центар нема ништо спорно.
Се се случува на 18 јули
На 17 јули 2006 година Советот носи одлука за донесување план за измена и дополнување на ГУП, кој законски треба да стапи во сила осмиот ден од објавувањето. Заев, не чекајќи одлуката да стапи во сила, уште наредниот ден поднесува барање до секторот за урбанизам (заведена под број 17-1110/1) за издавање локациски услови, реконструкција и надградба на пазарот, без да се изврши трансформација на земјиштето.
Со ова тој го крши Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.
Раководителот на секторот за урбанизам Стојан Динев, на 18 јули 2006 година, за само еден ден, го прави следното: издава извод од урбанистичкиот план според одлука што не е стапена во сила, издава решение за локациски услови без да набави елаборат за нумерички податоци за земјиштето и одобрение за градење со кое се одобруваат реконструкција и надградба на градскиот пазар.
Според записникот на Управниот инспекторат на Министерството за правда направен на 14 февруари 2007 година, Динев не прибавил доказ за трансформација на земјиштето и доказ за платен надомест за финансирање изработка на просторниот план на Републиката, со што го повредил законот. Но тука, според Министерството за правда, не завршува одговорноста:
„Општинската урбанистичка инспекторка Илинка Трајкова, и покрај подготвените записници, нема преземено управни дејства, со што го повредила Законот. Јавната правобранителка Мирјана Панајотова не презела дејства за да ги заштити имотните права и интереси на Македонија“, се вели во записникот на Управниот инспекторат.
Три дена откако Динев ги издава сите потребни документи за градење, на 21 јули 2006 година, наследниците на дел од парцелите каде што се гради „Глобал“ до судот поднесуваат предлог за привремена мерка (односно барање да се запре градењето). Струмичкиот суд го одбива предлогот. Нивните раце се врзани, а „Глобал“ - се гради.
Кој ги ШиШа министерствата за правда и за финансии
Управниот инспекторат од Министерството за правда (14 февруари 2007 година) и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (26 декември 2007 година) констатираат прекршувања на законот при изградбата на „Глобал“ и наложуваат да се запре изградбата.
Во заклучокот на Министерството за финансии се вели дека решението за локациски услови за реконструкција и надградба на градското пазариште не е изработено во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и потврдува дека нема елаборат за нумерички податоци, не се решени имотноправните работи и не се вклучени сите учесници во постапката за издавањето на документацијата за градба. Истото се вели и во записникот на управниот инспекторат, кој препорачува кривично да се гонат Заев, Динев, Трајкова и Панајотова.
Трајкова, спротивно на дописот од 29 ноември 2006 година, на 12 јуни наредната година се премислува и подготвува решение да се запре изградбата на „Глобал“.
Ниту едно од овие решенија не допрело до надлежните во општината. Во февруари претседателот Бранко Црвенковски ја пресече црвената лента, а „Глобал“ (38.000 квадрати) беше свечено отворен. Полицијата ги уапси Заев и другите обвинети, но Црвенковски ги аболицира.
Со тоа случајот „Глобал“ се затвори, а наследниците ја продолжуваат битката за земјиштето што законски им следува.
Што е сомнително со градбата на трговскиот центар „Глобал“
- Подготвувач на проектот пишува дека е Благој Здравев
- Тој негира дека има каква било врска со „Глобал“
- Законска обврска е за сума поголема од 400 илјади евра да се распише меѓународен тендер
- Тендерот е објавен во „Утрински весник“, но не и во „Службен весник“, што е исто така законска обврска
Услови на тендерот
- Три години искуство
- „Де лукс“ е основана една година пред добивањето на тендерот
Препораки
- „Де лукс“ немала ниту една
Искуство
- „Де лукс“ нема ниту еден изграден објект
Бонитет
- „Де лукс“ е фирма на граница на рентабилност и се финансира од туѓи извори
Ревизорски извештај
- „Де лукс“ не поднесе таков извештај
- Советот на општината носи одлука за промена на ГУП, но не чека осум дена за одлуката да стапи во сила, туку следниот ден се издава решение за локациски услови и за реконструкција и надградба на пазариштето спротивно на Законот за приватизација и закуп на државно градежно земјиште
- Законот вели дека додека трае постапка за денационализација, сите работи на тоа земјиште се стопираат
- Отворени се неколку барања за денационализација на земјиштето, а на теренот веќе на големо се градеше
- Законот вели дека сопственоста на земјиштето треба да биде дефинирана.
- Во неколку наврати инспекторите утврдиле дека сопственоста не е утврдена и за тоа се издадени решенија за запирање на градбата, кои никој не ги почитуваше
- Струмичката јавна правобранителка Мирјана Панајотова била известена од наследниците на земјиштето дека во тек е постапка за денационализација.
- Таа не презела никакви дејства како што ѝ налага законот за да ги заштити имотните права на Македонија
- Горан Крстев е управител на „Де лукс инженеринг“, фирма основана во 2005 година
- Денес Крстев е сопственик на една од најлуксузните куќи во Струмица
ИЗВОР