АМЕРИКАНСКИОТ АНАЛИТИЧАР БРУС ЏЕКСОН ЗА ПОСЕТАТА НА ХИЛАРИ КЛИНТОН
среда, 13 октомври 2010
ЕУ неспособна, САД се враќа на Балканот
ЕУ практично ништо повеќе нема направено во регионот од ангажирањето на Американците во БиХ во 1994 и во Косово во 1999 година, како и по сите досегашни американски ангажмани за стабилизација на Балканот. Освен тоа, Грција и натаму ја блокира Македонија, додека Хрватска се уште чека на влезот во ЕУ, забележува Џексон, објаснувајќи дека Клинтон е незадоволна со темпото на интеграцијата на овој регион во Унијата
Посетата на државниот секретар на САД Хилари Клинтон на Балканот е своевидна критика упатена на сметка на Европската унија за она што таа досега го нема направено, смета Брус Џексон, американски аналитичар и член на Советот за надворешна политика.
Во интервју за Би-Би-Си, Џексон вели дека ЕУ практично ништо повеќе нема направено во регионот, од ангажирањето на Американците во Босна и Херцеговина во 1994 и во Косово во 1999 година, како и по сите досегашни американски ангажмани за стабилизација на Балканот.
- Освен тоа, Грција и натаму ја блокира Македонија, додека Хрватска се уште чека на влезот во ЕУ, забележува американскиот аналитичар, објаснувајќи дека Клинтон е незадоволна со темпото на интеграцијата на овој регион во Унијата.
Според Џексон посетата на американскиот државен секретар во Сараево, Белград и Приштина претставува враќање на САД на Балканот и обид за завршување на незавршената работа, по запоставувањето на регионот од претходната администрација на претседателот Џорџ Буш. Џексон открива дека Клинтон веќе има обезбедно поддршка од демократите и од републиканците за американско ангажирање во овој европски регион, што по неговото мислење беше суспендирано изминатите осум години.
Меѓутоа, балканската турнеја на Клинтон не значи и ревизија на позицијата на официјален Вашингтон околу независноста на Косово, забележува Џексон, инсистирајќи на тоа дека не може да има нови албанско-српски преговори за косовскиот статус. Џексон ја отфрла и можноста САД да прифатат нова промена на границите на Балканот, како што за тоа повремено се разговара во Европа.
- Само ако претседателот Барак Обама сака да биде сменет може да прифати нови граници на Балканот или во Југоисточна Европа, забележува Џексон, приговарајќи и на ЕУ што не може да извлече поука од европските трагедии, во кои беа вовлекувани и Американците. Тој посочува на склоноста на Европа за менување на границите, "по што се повикуваат САД за да го чуваат пеколот што го има направено".
http://www.vecer.com.mk/?ItemID=8C1D9296327BE547A19EB52D470391F9