Македонија - земја на раздорот
“Јас не сум филолог, и разбирањето на тенкостите на словенските наречја не е задача за мене. Но да разликувам дали луѓето говорат српски или бугарски, или на трет јазик – ниту српски, ниту бугарски, но словенски и близок кон двата тие – за тоа не треба да се биде филолог, а просто треба да се има уши, за да се чуе, и да се сака да се чуе “
Александар Амфитеатров, 1901 год.
Еден од оние луѓе кои на почетокот на 20-тиот век читајќи во странските весници за тешката состојба во Македонија, ќе дојдат лично за да дознаат нешто повеќе, е Русинот Амфитеатров. Во периодот од 1894-тата до 1909-тата четири пати доаѓа на Балканот.
Третото негово патување во 1901-вата го носи во Македонија.
Александар Валентинович Амфитеатров е роден на 26.12.1862 година во
Калуга, Русија. Завршува право во Москва, но никогаш нема да се бави со правото. Перото ќе му стане единствена смисла и орудие за работа. Заради својот немирен темперамент, во својот живот не ќе има место за кое долго време ќе биде врзан.
Амфитеатров е романсиер, сатиричар, патеписец и уметнички критичар. Бил близок и другарувал со Горки, Бунин и Чехов. Личното пријателство со нив, влијае врз неговата авторска ориентација и последиците од тоа ќе ги почувствува на своја кожа. Извесно време поминува на робија во Сибир, заради остриот сатиричен роман “Господа Обманови“, во кој всушност го слика царското семејство.
За нас Македонците најзначаен е по тоа што во историската 1903-та ја објавува “Земја на раздорот“, книга која е збир од неговите записи од патувањето низ Македонија од 1901-ва.
Во 1916-та ќе издаде 34 тома од неговите собрани дела. Меѓу неговите најпознати дела се романите: “Залез на стариот век“, “Кнегињата Настја“, “Осумдесетгодишници“, “Деведесетгодишници“. По Октомвриската револуција станува политички неподобен и во 1920 год. засекогаш емигрира од Русија. Во емиграција продолжува да пишува и ќе ги издаде делата “ Маѓепсана степа“ и “Литература во прогонство“.
Умира во Левант, Италија во 1938 година.
Амфитеатров зад себе ќе остави голем број дела, разновидни по форма и содржина, кои говорат за неговото
универзално интересирање не само за уметноста и литературата, туку и за секојдневниот живот. Додека престојува на Балканот, цело време испраќа дописи до руските весници, кои потоа ќе ги објави во посебни книги.
Амфитеатров останува голем човек поради тоа што успеал да остане доследен во поглед на македонското прашање и покрај притисоците кои врз него ги вршеле српската и бугарската пропаганда.
ЗЕМЈА НА РАЗДОРОТ
Во Фебруари 1901 година, кога од Македонија почнаа да пристигнуваат особено остри дописи во словенскиот, рускиот и европскиот печат, јас по сопствена желба отпатував во тој малку познат крај. Сакав самиот лично да се уверам според силите во смислата и можните размери на македонското ослободително движење. Зошто во посоченото време, еден дел од рускиот и словенскиот печат веќе открија силна тенденција да ја влечат Европа кон вмешување во македонските работи – читај, да ја буткаат Русија во нов крстоносен поход против Турците, за слобода на Македонците...
Затоа и беше љубопитност да се види: Вистина ли е дека македонските безредија дошле до точка по која им останува само едно несреќно решение - отпрвин херојско, но бессилно ослободително востание, потоа европско вмешување, читај: руски крстоносен поход.
Во Бугарија очекуваа дека јас ќе се однесувам кон “македонската кауза“ со поголем ентузијазам. Поради тоа
моите гледишта беа пречекани мошне гневно од бугарскиот политички печат – особено од оној дел што се нарекува русофилски. Со патувањето во 1901 год., за мене трето патување во балканските земји,
јас го загубив седумгодишното бугарско пријателство. Мене ме обвинуваат: едни, дека сум поткупен; други, дека сум лут зошто не ме поткупиле; трети, дека јас пишувам по наредба на рускиот амбасадор во Константинопол – Зиновјев; четврти, дека сум болен од србофилство.
Истовремено бев нападнат од српските весници кои ме претставуваа како руски орган на бугарско-македонските ослободителни комитети.
Сметам дека е неопходно да го предупредам читателот за сите обвинувања. А потем, читајќи нека суди за моите мислења и зборови, како што ќе најде за сходно...
Само минувајќи низ југот на Македонија, вие можете со полна мера да разберете зошто за тој крај со толкава жестокост се спорат и се борат толку народности, секој прогласувајќи го за свој, затоа што тоа е градина, вистинска градина! Вие патувате, се провирате низ шуми од диви маслинки, зазеленети гори... Црвени купчиња на расцутени дуњи, бадеми, праски, цреши, круши, јаболка...Каде и да погледнете насекаде цутат дрвја и ветуваат богат плод. Не за џабе Македонците се познати како први градинари на целиот Балкански Полуостров...Колку големи површини грижливо изорана црница...Колку вода по долините! По свежото младо зеленило се шетаат црноопашести штркови...
Македонските болки се предизвикани од поапстрактни причини, отколку што е тешката трка по несигурно парче леб...
Непријатели на Македонија се разноплеменоста, разноверноста, христијанското заемно неподнесување и лошата турска администрација од полувоен, полуполициски карактер, која целиот успех го гради токму врз споменатата заемна неподносливост.
Бедата на Македонија е во тоа што нејзиниот народ живее не самиот за себе, дури ни со грубата турска влада што му седи врз вратот, но
претставува мамливо парче кое настојуваат да го голтнат шест или седум народности, надевајќи се да ја воскреснат својата национална самобитност за сметка на еластичната етнографија и колебливата историја на Македонците. И додека
Турците, Грците, Србите, Бугарите, Албанците, Куцовласите спорат за лакомото македонско парче во целост или се глодаат за еден нејзин дел, времето минува и парчето гние, се распаѓа, губејќи ја малку по малку својата убавина и својата вредност...
Српското влијание врз првобитниот македонски Словен се чувствува посилно во северните области на Македонија, во Скопска Црна Гора, и на југ од Шар Планина - која ја дели Стара Србија(Косово) од Македонија...Одрекувањето на српскиот елемент во Македонија – сега е бугарска национално државна догма. На ист начин, српските иследувачи одрекуваат постоење на бугарски елемент во Македонија...
Воопшто треба да се каже дека
сите руски конзули со кои се запознав на своето патување низ Македонија, сосем скептично се однесуваат кон исклучителните претензии и на Србите и на Бугарите над месните етнографски првонаселеници.
Така на пример г. Ростковски, битолскиот конзул, во својот труд што ги обработува статистичките податоци на тој округ, не се решил да ги употребува термините “Србин“ и “Бугарин“, а тој пишува едноставно Словени-егзархисти, Словени-патријаршисти, Словени-муслимани...
Дека основниот македонско-словенски елемент не е ни бугарски ни српски, а само бугаризиран или посрбен, исто така е искажано од г.Ростковски во предговорот кон неговиот статистички труд.
Истата хипотеза ја слушнав и од Н.А. Иларион, конзул во Солун, кој 30 години го изучувал Балканскиот Полуостров…
Според националниот карактер, Македонците можат да се наречат Малоруси (Украинци) на Балканскиот Полуостров. Меѓупросторната
положба на Македонија меѓу Србија и Бугарија, ако сакате,
може да се спореди со положбата на Украина во XVII век меѓу Полска и Русија, со таа разлика што за Украина се борела православна Москва со католичка Полска, а овде борбата е усложнета уште и со единството на православната вероисповед на двете стремечки држави...
Истото се случува и со Македонија. Нејзиното селанство не е ни српско ни бугарско, а преоден словенски народ, кој со иста леснотија може да се претвори и во Срби и во Бугари, во зависност чија пропаганда ќе надвладее во неа. Ако попадне Македонија под влијанието на Бугарите, ќе биде бугарска. Ако попадне на располагање на Србите, ќе биде српска. Секој словенски народ може да ја приведе под свој именител...
Поради споредувањето на Македонците со Украинците, бугарскиот печат трубеше над мене: Видете го Амфитеатров, веќе нашол Хохли во Македонија!... Хохли или нехохли, но нешто слично на Хохли, само на балкански начин. Ниту Полјакот, ниту Великорусинот, без навика, неможат да го разберат малорускиот збор, ниту пак можат да бидат разбрани во Малорусија. Истото е и со Бугарите и Србите во Македонија.
Јас не сум филолог, и разбирањето на тенкостите на словенските наречја не е задача за мене.
Но да разликувам дали луѓето говорат српски или бугарски, или на трет јазик – ниту српски, ниту бугарски, но словенски и близок кон двата тие – за тоа не треба да се биде филолог, а просто треба да се има уши, за да се чуе, и да се сака да се чуе. Македонците говорат ниту на бугарски, ниту на српски – тие говорат на средно наречје, кое во некои месности е поблиско кон бугарскиот, а во некои кон српскиот јазик...
Ние имаме работа со првобитна словенска раса, која е подложна на влијание од поразвиени, исто така словенски народи.
Во друштво на српскиот конзул во Скопје, г.Куртовиќ, јас посетив неколку села, населени со Македонци кои се сметаат за Срби: тие се патријаршисти, го величат во песните кралот Александар итн.
Г.Куртовиќ говореше со нив на српски, но јас слушнав дека тој мораше да го крши јазикот, приспособувајќи го кон наречјето на своите соговорници, и дека при одговорите тој се вслушува со внимание на туѓинец.
Обратно, што се однесува до бугарскиот јазик, јас во истиот Скопски округ бев сведок не еднаш дека македонските селани речиси не ги разбираа школуваните во Бугарија кои говореа со нив...
Жалбите на мајките дека синовите се враќаат од бугарските школи со јазик одвај разбирлив за родното село е постојана појава...Македонските селани не само што не ги разбираат своите деца што се враќаат од училиштата, туку и роднините кои долго време живееле како печалбари во Бугарија, а потем
откако ќе се вратат назад парадираат со бугарскиот. Oвде тоа е шик на свој начин, онаков како што е во Русија уфрлањето на француски зборови или кај кавкаските Козаци – да говорат татарски...
Фанариотите и грчките претензии во Македонија имаат свои сентиментални заштитници во рускиот печат. Јас мислам дека овие заштитници се раководат исклучиво од кабинетски обзири, земени од историски спомени...
Грчкото православство речиси го изгуби карактерот на религиозен симбол и се прероди во политички симбол, давајќи вечно таков простор на националните стремежи на елинизмот, каков што егзархатот дава на бугаризмот.
Доколку руските заштитници на грчките фанариоти би ги виделе дејствата на своите кумири во Македонија, тешко дека нивното словенско сетило би им дозволило да ја продолжат својата заштита на тие непријатели на сето словенство и пред се на Русија.
За Гркот православството царува само таму каде што епископот е Грк, каде што литургијата се служи и евангелието се чита само на грчки...
Секој Словен треба и е должен да соучествува во македонската слобода. Македонската слобода неможе да биде достигната со сопствени, македонски средства. Земјата е премногу малечка и слаба за да се бори против турската моќ, на која и треба само да даде знак, за да се фрлат десетиции илјади аскер врз Македонија и да ја задават како глушец, пред да се соземе Европа, дури и пред да дознае Европа.
Бугарите и Србите заемно не се поднесуваат, секој ја смета Македонија за своја законска сопственост.
Да ја создаваат Македонија за Македонците немаат ни мала желба, ни Бугарите ни Србите. Ентузијасти за автономна Македонија има само меѓу македонското население.
Во Македонија тешко дека ќе биде задоволително решено прашањето за народноста на народот. Најверојатно од се е дека ние имаме работа со
совршено самостојна гранка на словенството, преодна меѓу бугарството и српството. Но сама по себе таа гранка е недоволно силна, за да си извојува слобода и да се претвори во државна единица...
Таа е лишена од можноста да живее, самата во себе проколната е да служи како политички материјал - директно за соседите, преносно и индиректно - за Европа, која раководи со соседите.
Јас:
И ден денеска...108 години подоцна, ништо не е сменето...