Самитот на НАТО не е крајниот рок до кога треба да се реши спорот за името меѓу Грција и Македонија.
Ова е најновата официјална позиција на јужниот сосед, којашто синоќа ја презентираше заменик портпаролот на грчката влада, Евангелос Антонарас, одговарајќи му на шефот на македонската дипломатија Милошоски, кој вчера го обвини Караманлис дека повеќе се грижи за стабилноста на неговата Влада, отколку за стабилноста на регионот.
Антонарас изјави дека Грција е најзаинтересирана за стабилноста во регионот и оти никој во Атина не тврди дека преговорите ќе се водат до почетокот на самитот на НАТО.
Со тоа владата ја негираше министерката за надворешни работи Бакојани, која завчера, запрашана до кога ќе се одвиваат преговорите, порача дека има прецизен тајминг кој завршува на 4-ти април.
По вчерашната изјава на министерот за поморска трговија, а близок на Караманлис, Вулгаракис, ова за само два дена е втор знак дека и покрај јавната едногласност, поради силниот притисок на Вашингтон, позициите на Грција би можеле да се променат и Македонија сепак да го избегне ветото.
Синоќа Нимиц пристигна во Солун, кадешто во хотелот „Хајат“ на грчкиот преговарач Василакис му ги пренесе најновите информации по средбите во Скопје.
Уште има суштински разлики по неговиот предлог даден пред 10 дена во Атина, призна Нимиц но, оптимистички најави дека двете страни имаат интерес да продолжат со преговорите и се додека е тоа така, тој ќе продолжи да разговара со Скопје и Атина.
„Ниту една од владите не беше во можност да ги оцени позитивно моите предлози дадени пред 10 дена во Атина но, и двете страни покажаа желба да се интензивираат преговорите и да видиме дали може да се изнајде некое решение“, изјави Нимиц синоќа во Солун.
Сите сме заинтересирани проблемот да се реши пред самитот на НАТО но, јас сум само претставник на Обединетите Нации и така се однесувам. Ова синоќа во Солун го изјави медијаторот Нимиц пред средбата со Василакис.