Барав ваква тема Акси но не најдов освен оваа
Лисјата паѓаат и на стадион
Разговарала: Билјана БОГДАНОВСКА
Интервју со Нелко Нелковски, чувар на духовноста на земјава, како што самиот се претставува, инаку Секретар за меѓународна соработка на МНТ, Претседател на Театарска младина на Македонија, Нациоален ФАРЕ Координатор (Фудбал Против Расизмот во Европа) учесник и лидер на неколку други проекти меѓу кој и оној за формирање Балканска лига во фудбал.
Токму на таа тема разговаравме со Нелковски, кој се обиде да ни ја долови сложеноста на процесот, како што тој го нарекува ова, и борбата со балканскиот менталитет, трагите врз душите и однесувањето на луѓето на овие простори, кои поминуваат низ 20-годишен транзициски период. За радоста која ја носиме или ја добиваме на стадионот, за притисокот на времето во кое живееме, за манипулацијата на политиката со сите нас и уште многу други перцепции прочитајте во продолжение....
Журнал: Почнавте со реализирање на Балканска лига во фудбал. До каде се работите? Ќе ги гледаме ли големите клубови од регионов во Македонија?
Нелковски: Балканската лига си се развива. Тоа е еден долгорочен план. Сега сме во фаза на негово детално разработување, осмислување и концептуално заокружување. Се разбира веќе и мапирањето е тргнато. Се работи за еден синергетски проект, поширок. Дванаесет земји се вклучени. На почетокот беа единаесет, но меѓувреме вклучивме уште една, поради системот на наптреварување во кои секогаш една екипа требаше да биде слободна. Вклучена е и Унгарија, затоа што иако многу малку влегуваат на Балканот, со пет-шест проценти, вкупниот нивни хабитус е балкански. Унгарците не можеме да ги дефинираме како чисти европјани , не се тие... па конечно Турците стигнале до Будимпешта... (се смее). Имаме заедничко минато. Не е битно, и Турција е само со неколку проценти на континетот, 80 милионска држава длабоко во Азија продира до Иран и Ирак, а вкупниот систем на организација, начин на размислување, секуларност и секојдневноста покажуваат дека е силна европска земја. Значи, Балканфудбал полека се развива и разговараме со фудбалските сојузи со потенцијалните спонзори, со вкупниот систем на организирање маркетинг... и очекуваме да профункционира во догледно време.
Ние си зададовме цел да почне следната сезона. Свесни сме дека краток е периодот, се уште работиме таа цел да ја оствариме. Но, ако не успееме за оваа сезона, ќе биде следната. Продолжуваат сите активности, бидејќи ова не е проект кој може да биде успешен или неуспешен. Се работи за процес, за создавање на дру, на поинаков начин на размислување. Што би се рекло, косата може да се офарба за три минути, но мислите под косата се менуваат за три години. Така што, процесот е малку посложен.
Журнал: Какво е расположението?
Нелковски: Кога ја презентиравме идејата, беше како бомба. Сите ја презедоа, имавме прес-конференции, презентации... Исклучително позитивно се гледа на ова работа. Во неколку наврати Мишел Платини, претседателот на УЕФА, има кажано дека тоа е одлична идеја. Но, крајно е визионерска... Балканската фудбалска лига е точна формула за излез од оваа ситуација. Зошто? Затоа што квалитетот на националните фудбалски првенства и клубови од Балканот е релативно слаб, крајно локален, парцијален, а кога истите клубови ќе излезат пак на европско ниво со тој и таков квалитет може да се каже дека најчесто се згазени од врвните европски клубови, како со валјак поминати. Особено македонските клубови и репрезентација. Така се чувствуваат нашиве фудбалери и фудбалски работници, па и целата спортска јавност. Очигледно ние сме на најлошо, на најниското ниво. Но, и другите балкански земји кои биле во определени моменти силни, како на пример Хрватска која била трета на Светско првенсвто, ако се земе и анализира како цело, во европски контекст, сепак е релативно слаба.
Многу паметни биле силите кои ја создале Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Сконтале дека ние, малите народи на балканот, ништо не можеме вака сами, разединети и разбиени. Донесле одлука и создале сложена земја и со Тито како предводник успеале да направат влијателна земја и да бидат на врвот на третиот блок во светот, на Неврзаните. Затоа за Тито, светските аналитичари констатираат дека е еден од малкуте државници, кој доаѓа од мала земја, а кој оставил такви траги и станал толку моќен и влијателен, на глобално ниво, заедно со својата земја.
Таа логика на регионално функционирање станува многу инетересна во Балканфудбал и има заедничка цел за вкупно интегрирање на балканските земји, генерално. Затоа сакаме сите да ги вклопиме во овој голем, значаени визионерски проект.
Журнал: Во Балканската лига требаше да играат пети, шести тим од државните лиги...
Нелковски: Да, но во меѓувреме разработивме два други концепти, затоа што имаше реакции, зошто да не бидат најдобрите. Она што го зборував претходно, дома сме слаби, а надвор кога ќе излеземе сме прегазени. Една Балканска лига ќе овозможи точно тој идентичен или близок, или сличен квалитет да се собере, што пак, ќе ги наполни стадионите. Блиску е за патување, блиску е за размена на енергии и вредности. И кога направивме анализа, значи еден од концептите е тој, третиот и четвртиот да влезат во Балканска лига. Другот концепт е, оние што нема да влезат во Лигата на шампионите, значи најдобрите клубови, прваците од секоја земја кои пак нема да изборат учество во еврокуповите. Во последниве години само Партизан во два наврати избори учество во Лигата на шампионите, додека другите национални шампиони, обично се елиминирани и остануваат неискористени, тие квалификации завршуваат некаде на средината на септември. Еден од концептите ни Балканската фудбалска лига да се формира од оние шампиони од балканските земји кои нема да изборат учество во Лигата на Шампиони. Се разбира ние ја пуштивме во јавноста идејата, па добивме реакција, по реакцијата ни беше многу важно да опсервираме што се случува и заклучивме дека ... (гланите написи беа „Тргнува Балканска лига без најдобрите“) треба да предложиме систем на натпреварување кое ќе ги опфати најдобрите.
Сега, ќе видиме. Разговараме со фудбалски клубови, со држави, со кабинетите на Претседатели на балканските држави. Не бараме ништо конкретно политички туку општа политичка поддршка.
Журнал: Сметате ли дека ќе биде проблем да се наполни некој стадион, еве во Македонија, затоа што нашите клубови одамна не ги полнат?
Нелковски: Не сметам дека ќе биде проблем. Зар беа празни стадионите кога беа овде Ливерпул? Второ, дваесет години имаме транзиција, каша во општеството. Горан Стефановски го дефинира моментот, „исток не отпиша - запад не не запишува„ . Значи, пропаднавме во еден транзиционен амбис. Настана промена на капиталот од државен во приватен. Спортот, фудбалот како феномени на опшеството имаат своја логика во општеството и со општреството. Значи, ако ја изгубат таа општествена компонента, тогаш се промашила приказната. Од големо значење е општествената компонента да биде суштински присутна и артикулирана во постоењето и функционирањето на спортот како цело во општеството.
Ние ја изугбивме радоста на животот. Многу е битно и од есенцијално значење да се врати радоста. Стадионот подразбира радост. Артикулирање на радост. Одењето на стадион не е поврзано со резултатот. Поврзано е со вкупниот амбиент. Одењето на стадион не е работа, одењето на стадион не е ни забава. Што е? Одењето на стадион е катарза: Изнервираните мажи од контаминираната негативна енергија од жените; исфрустрираните жени од мажите; исфрустрираните политичари од неуспехот; исфрустираните менаџери и директори од мобингот на работа во трренерки или во дресови на клуобот, одат на стадион и гледаат нешто што ги возбудува и нешто што во нив создава можност тие да викаат, да се дерат и рикаат, да се смејат и пеат, да ја исфрлат негативната енергија и да контаминираат од околината и од вкупниот ритуал позитивна енергија, да се прочистат!
Журнал: Сакате да кажете дека во Македонија нема повеќе луѓе кои сакаат да ја исфрлат негативната енергија!? Барем за исфрустрирани и незадоволни имаме еден тон!...
Нелковски: Не, не можат, затоа што севкупниот set up е така направен да не можат. Па сега, за мажите има плазма екрани, спортски обложувалници. За жените има „касандри“, „лисја што паѓаат“ , „шехерезади„ и ако им поставите прашањето: „Кога сте разговарале со вашето дете повеќе од половина час за важна тема?„ , ќе кажат,„Многу одамна„. Ако пак ги е прашате: „Кога сте го гледале повеќе од половина час Големито Брат?„ , ќе одговорат : „Па секоја вечер гледам по три часа“. Вкупниот set up на општеството е така направен да им го земе вниманието на луѓето. Во еден „Прирачник за самоуки милионери“ се вели: „Веднаш исчистете го станот од сите телевизори, ако сакате да станете самоук милионер. Додека другите гледаат телевизија, вие ќе мислите како да направите пари“.
Деновиве имавме една анализа и констатиравме дека малите деца се сите со големи мешиња. Зошто? Затоа што психолозите и педагозите израчунале дека на 90 отсто од децата, вкупното дневно физичко дејство не надминува 40 минути.
За да не се претвори овој наш разговор во социолошка вивисекција, јас ќе заклучам дека на стадион се оди за тие да се претворат во места на сериозна радост, за семејна забава, место каде се купуват пуканки, каде се точи пиво. На стадионите на Шалке 04, на Барселона, токму така се точат пијалоци и се овозможува врвен спортски ритуал за публиката. Сум го почувствувал задоволството во Барселона, завален во убава столица да пушам пура, пијам шампањско и да гледам перфектен фудбалски натпревар. Знам дека стадионот е место каде ќе се уриваат табуата. Ако на публиката не и овозможиш артикулирање на радоста, тогаш си создал услови да и овозможиш на публиката и навивачите да ги артикулираат најпримитивните нивни чувства, однесувања и визии. Ова е прецизната дијагноза „Зошто ни се случува хулиганизам на спортските натпревари во нашата земја„. Се разбира има и други секнуднарни причини, но според мене, оваа е примарната.
Ние во Балканфудбал прво се занимаваме со покренување на процес. Ако Балканската лига ја споредиме со сурфање на големи бранови, многу тешко можеш да сурфаш, ако имаш ситуација на мирно езеро. Одличен сурфер си, имаш штица, имаш желба... но, потонуваш, затоа што нема движење во атмосферата, кое ќе предизвика силен ветар, што ќе го претвори во голем бран и на тој бран овие што сурфаат да можат да го прават тоа.
Тој бран е општествената свест и колективната совест. Покренувањето на радоста на луѓето. Клучната реченица на американското општество е: `Надеж`. Ден Браун тоа перфектно го анализира во неговиот последен роман. Цело време бараат клучен збор. Клучниот збор е надеж. На крај со тој збор завршува романот. Во надежта има пола вложен ентузијазам, пола има заложено позитивна енергија, така што се создава едно цело кое ги покренува вкупните творечки капацитети и не придвижува да одиме нанапред. Така што, всушност, театарот, стадионот, јавната куќа, можеби лекарскиот преглед се малку од феномените каде што живи луѓе прават нешто со живи луѓе, за живи луѓе. Сакав и едукација и образование да кажам, не можам. Зошто? Затоа што ќерка ми пишува на лап-топ сега е второ одделение. „Лаптопчиња „им ставија сега, така ги викаат персоналните компјутери и сега се „вмрежени„. Вмрежени или поробени?! - Одговорот на ова прашање никој прецизно не го знае.