Erich Zann
Модератор
- Член од
- 13 мај 2012
- Мислења
- 14.644
- Поени од реакции
- 31.865
Некои разговараа тивко, нечујно.
Беше обичен, тмурен ден со сите обележја на просечна есен. Сивите облаци го имаа запоседнато целото небо недозволувајќи му на сонцето да си игра со лицата на долните земјаци. Дождот некако тивко се припремаше за својот пад кон сувата земја, додека ветерот залудно пробуваше да го избрка подалеку. Низ улиците одекнуваше малку поголема бучава од нормално, небаре жителите се припремаа за некакво цунами, појава која не беше својствена за тие краишта. Низ целата таа лакрдија, некои тивко без никој да ги слуша, разговараа.
-Што те донесе тука чиче?-праша еден младич.
-Болест, болест ме донесе внуче. Годините си го направија своето. Кога бев млад јурев бос со сета сила низ житните полиња. Пливав во најдлабоката река во која многумина се удавија. Чинам имав сила за 10 животи. Мислев дека сум роден да бидам алхемичар. Си чул за тоа?-се надоврза старецот.
-Каков хемичар?-праша повторно младичот.
-АЛХЕМИЧАР! Бев човек кој го бара еликсирот и под дрво и под камен. Мислев дека вечно ќе живеам...
-Вечен живот?! Па зарем има нешто подосадно од вечен живот? Ќе го прошеташ целиот свет, ќе ги впиеш сите убавини и неубавини, личностите за кои ќе се приврзуваш ќе заминуваат една по една и ќе мора накрај да научиш сам да живееш со себе.
-Навистина статиката пополнува голем дел од нашето постоење, но имам мисла дека животот е програмиран така што динамиката и промените ќе одат до бесконечност. Пример земи ја технологијата која секој ден дава по некоја нова играчка. Што знаеш, во иднина можеби ќе има трки со некакви летачки коли околу орбитата на Земјата. Инаку што се случило со тебе?
-Сообраќајка. Испив доста таа вечер, а и брзо возев. Сета среќа во несреќа што бев сам во колата, инаку ќе носев некој друг на душа. И не жалам. Чувството да се лета на автопат со над 200 km на час е неописливо. За првпат во 35 годишно постоење се почувствував некако жив и семоќен, небаре можев да се вратам во минатото и да го убијам Хитлер лично со голи раце.
- Значи тркач си бил ти?!-рече старчето. Да беше бесмртен, можеби ќе беше тркач во тие летачките коли за кои ти спомнав....
-Чути!- викна секавично младичот.
-Што ти стана бе?-праша повторно старецот.
-Молчи бе, молчи кога ти велам, псссст. Гледај право и дај му малку одмор на очите, не ги штеди.
-Каде право?
- А бе право, види колку убава девојка поминува. Гледај, носи црвен фустан кој совршено го исцртува нејзиното тело. Убавина, со силни нозе како млада топола. Сакам да и свирнам, но знам дека нема да ме слушни.
- Остави ја сега девојката. Гледај малку малку полево од девојката, нов комшија ни донесоа. Млад ли е, стар ли е, каков е? Не ми се гледа баш најдобро.
-Како млад да е. Чекај ќе го прашаме. Комшијааааааааааа, ме слушаш ли? Еј, комшијааааа!-викна погласно младичот.
-Кој вика бе? Кој вика?
-Тука тука, гледај пред тебе. Ме гледаш?
-Да, дури сега те видов. Кој си ти?
-Јас сум Живко, 35 години. Овој до мене е некој старец кој продава мудроштињи. Го гледаш?
-Да, го гледам. Колку дена сте тука?
-Ами јас дојдов сабајлево, старчево сигурно е веќе подолг период на неговото место. Кажи бе стрико, гугни нешто, што зачути мајката.
-Ве слушам, ве слушам. Ме задума сега со досадата и вечниот живот.
-Де, бе па ти, како некој романтичар си. Вистината ја бараш низ пат поплочен со чувства и емоции а? Не ти вредат повеќе ниту чувствата, ниту мислите за вечноста. Туку пријателче, остави го стариов, нешто не му се зборува многу, кажи што мака те донесе тебе тука?
- Вчера испив 5 чашиња ракија и зедов да работам на покривот. Оџак ќе ѕидав. Ми се заврти од алкохолот и ничкум долу на земја. Ете тоа ме донесе. А жена ми арно ми велеше „Пијан си, утре ќе работиш, слези одмори” јас не ја послушав. Tуку како би голтнал тро ракија сега...
-Извинете што ве прекинувам. Забележувате дека почнува силно да врни? Го мразам дождот, го мразам затоа што секоја капка ме откорнува од местово. Како што тргнала работава ќе ме испрати овојпат во неповрат. Еве го! Станува се посилен и посилен! Заминувам пријатели,се надевам ќе се видиме за тригодишнина, или побрзо....
-Еј, замина! Овој стварно замина бе. Барем да врзевте некој збор-два.-рече младичот и погледна надолу.
......................................................................................................................................................
По некое време на улицата поминуваа татко и син. Детето забележа како ветерот разносува низ улицата некаков лист хартија. Ја стегна силно раката на татка си и љубопитно праша:
-Тато, каков е овој лист на земјата?
-Плаката од мртовец е тоа сине. Остави ја, ќе ја соберат ѓубраџиите.
После тоа продолжија по патот, додека некои разговараа тивко, нечујно....
Последно уредено: