Украина за пет пати го намали увозот на гас од Русија
Компанијата „Нафтогаз Украина" во понеделникот го намалила увозот на руски природен гас на 28 милиони кубни метри дневно од 147 милиони кубни метри, пренесува Reuters повикувајќи се на свои извори, но не се наведува причина за намалувањето.
На почетокот од минатата седмица „Нафтогаз Украина" исплати повеќе од половина од долгот што го имаше кон рускиот енергетски гигант „Газпром" за доставениот гас во текот на минатата 2013 година. На почетокот од овој февруари, „Газпром" објави дека долгот на Украина во јануари изнесувал 658,4 милиони долари, а за 2013 година - 2,634 милијарди американски долари. Според украинската влада, „Нафтогаз", веќе исплатил 1,28 милијарди долари од долгот за минатата година, и дека компанијата побарала одложување на исплатата на остатокот од долгот до 15-ти април 2014 година.
Во моментов, според договорот што во декември го потпишаа Москва и Киев, цената на рускиот гас за Украина е намалена за третина од 400 на 260 американски долари за кубен метар и се утврдува на квартална основа. Меѓутоа исклучена е можноста, доколку од која и да е причина да не биде потпишан договор, во првите десет дена од првиот месец во кварталот, за дополнително намалување на коефициентот и Украина да добива гас по намалена цена.
Според украинскиот експерт за енергетика, Валентин Землјански, кој порано работел во управата на „Нафтогаз Украина", откако ќе биде формирана коалициската влада ќе биде познато кој ќе ги води преговорите за ценат на гасот со „Газпром".
Во почетокот на февруари се претпоставуваше дека украинската влада до крајот на 2014 година конечно ќе се определи за финализирање на финансиската конструкција за модернизација на гасоводниот систем во земјата, изјави вршителот на должноста министер за енергетика Едуард Ставицкиј. Според него, властите ја разгледувале можноста за формирање конзорциум со руски „Газпром" кон кој ќе биде привлечен и трет инвеститор.