Интервју на Дора Бакојани за Асошиејтед Прес: Самитот на НАТО не е крајниот рок за решавање на проблемот со името
Грција не мисли дека новиот предлог на ООН ќе го реши проблемот со Македонија за името, а ако до следната недела не се најде решение, влезот во НАТО ќе биде блокиран.
Ова, во телефонско интервју го изјавила грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, за новинската агенција Асошијтед Прес (АП).
“Предлогот на Нимиц е далеку од целта на Грција за солуција. Нашите забелешки веќе му се испратени на медијаторот на ООН, а преговорите продолжуваат“, рекла Бакојани.
АП коментира дека негативниот став на Грција за последниот предлог на Нимиц само ја довело Македонија чекор поблиску до ветото за покана за членство во НАТО.
“Специјалниот посредник на ООН, досега ниту еднаш јавно не го кажа својот предлог, туку само рече дека верува оти ќе има “разумен компромис“. Според грчките и медиумите во Македонија, ’Republic of Macedonia (Skopje)’ е предлогот“, пишува Асошиејтед Прес.
“Грција неможе да се согласи со покана за НАТО за земја која неможе да исполни предуслов за добри меѓусоседски односи“, рекла Бакојани.
Според шефот на грчката дипломатија, Самитот на НАТО во Букурешт не е краен рок за решавање на проблемот со името со Македонија и дека преговорите може да продолжат и потоа.
“Не сметам дека претстојниот Самит на НАТО е крајниот рок до кога треба да се најде решение за името, иако јас многу сакам дотогаш се да се стори“.
На прашање за обвинувањата на македонскиот премиер, Никола Груевски, упатени до Грција дека ја уценува неговата земја за смена на името, и на заканата на шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, дека преговори повеќе ќе нема ако има вето во НАТО, Бакојани рекла:
“Ако Скопје ги прекине преговорите, одговорот е едноставен. За танго се потребни двајца“.
Но, таа нагласи дека Атина не сака да прекинат преговорите.
“Веќе 17 години се водат преговори. Во моментот тие се интезивирани, и јас верувам дека ќе продолжат пред, за време на, но и по самитот во Букурешт. Атина замина што подалеку можеше за да се најде решение. Ние изодевме повеќе од половина од патот. Сигурна сум дека, по истиот пат, скопското политичко раководство ќе ја изоди останатата половина“.
На крајот од текстот Асошиејтед прес пишува дека Грција ја ословува земјата која и е северен сосед, со Поранешна југословенска република Македонија, име под кое оваа земја е примена во ООН и во други меѓународни организации. Но, напоменува АП, повеќе од 120 држави во светот, вклучувајќи ги меѓу нив и постојаните членки на Советот за безбедност на ООН, САД, Кина и Русија, како и Канада, ја признаа земјата како Република Македонија, што е нејзино уставно име.
Автор на веста: Нетпрес
Објавена на 27.03.2008 23:26:27