Еве што не очекува
Бучковски и Георгиевски се скошкаа по провокациите на спикерот
Поголем скандал беше избегнат само поради присебноста на некои пратеници и на обезбедувањето
Оливера Војновска
Инцидентот што се случи завчера во раните утрински часови меѓу спикерот Љубиша Георгиевски и експремиерот Владо Бучковски го одложи распуштањето на парламентот. Желбата на ВМРО-ДПМНЕ за иницијативата на ДУИ да се дебатира до „смрт“ ( како што изјавуваа самите), односно се' додека пратениците не ја донесат одлуката за самораспуштање, не се оствари, бидејќи зовриената атмосфера во Собранието кулминираше со мошне непријатен настан, што за влакно не прерасна во посериозен скандал. Ситуација беше спасена само поради присебноста на некои пратеници и навремената интервенција на собраниското обезбедување- кое буквално влета во салата и го спречи скандалот.
Настанот се случи во 3,30 часот изутрината кога координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јани Макрадули, побара пратениците да се изјаснат за тајно гласање по точката на дневен ред, на што Георгиевски возврати дека тоа може да го бара кога ќе заврши расправата . Тоа предизвика негодување кај пратениците од СДСМ поради што Георгиевски даде пауза од 15 минути.
Бучковски испровоциран поради тоа што спикерот во текот на маратонската дебата неколку пати со прекрстени раце му порачуваше што го чека (сугерирајќи затвор), дојде до Георгиевски кој стоеше пред првиот ред на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и размавтувајќи со рацете нервозно му рече: „Дали си ти нормален, свесен ли си што зборуваш, се наспа и дојде тука да провоцираш и да правиш проблеми“! Истовремено обраќајќи им се на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот премиер им рече:„Видете како се однесува, направете му алкотест!“
Во таа мешаница најбрзо се снајдоа Горан Петров од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Ќуркчиев од СДСМ, кои навреме го задржа Бучковски. Некако во истиот момент, собраниското обезбедување со трчање влезе во салата и еден од нив застана меѓу Бучковски и Георгиевски. Во таа мешаница се слушаа и смирувачки повици од пратениците „дајте луѓе престанете“, „немојте така, смирете се“.
Откако малку се смирија страстите, Георгиевски реферираше на мобилниот
:„Не, не нема ништо. Не е страшно! Нема медиуми, на галеријата има само една новинарка, камера и фотоапарат“.
Инаку, опозицијата завчера цело време се обидуваше да ја убеди владејачката партија да не расправаат во ноќните часови, туку да ја прекинат седницата и да ја финишираат во текот на вчерашниот ден. Затоа на разни начини сакаа да издејствуваат прекин на дебатата. Така, на пример, Бучковски се повика на членот 32 од Уставот, кој се однесува на основните човекови права и слободи, според кој секој вработен има право на дневен, неделен и годишен одмор и побара да се прекине седницата.
Паралелно со барањата за прекинување на седницата, опозиционерите цело време инсистираа Груевски да се појави во пленарната сала, убедени дека тој е во Собранието. Георгиевски ги уверуваше дека грешат.
За време на дебатата опозиционерите го критикуваа Георгиевски дека тој „пие кафе и џвака мастика“. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, пак, во моментот кога зборуваше неговиот колега Александар Николовски, на говорницата изнесе купишта материјали, како своевидна симболика дека опозицијата ја блокирала работата на парламентот.
Пратениците од ДПА повеќе време беа во собранискиот клуб, каде што релаксирано гледаа ТВ. Најрелаксиран беше пратеникот Даут Реџепи -Лека, кој со кренати нозе на маса муабетеше со сопартијците.