Во текот на 2006 година инспекторите на труд од областа на заштита при работа утврдиле дека најнезаштитени се градежните работници, зашто неправилностите се најдени дури на 880 градежни објекти. Електричната инсталација и уредите не биле исправни во 568 објекти, а неправилности биле детектирани и кај машини и орудија за работа во 391 работна просторија. Во 436 објекти работниците немале лични заштитни средства и опрема, а 615 недостатоци се во врска со необезбедување на опрема за прва помош.
Инспекторите на труд од областа на заштита при работа во текот на 2006 година извршиле вкупно 13.733 инспекциски надзори кај работодавачи од сите дејности, од кои 7.462 редовни надзори, 1.191 контролен надзор и 126 барања (претставки) за заштита на права од областа на заштита при работа.
Во 2007 година инспекторите донеле 1.383 решенија за отстранување на констатираните недостатоци во определени рокови, при што се утврдени 4.245 неправилности, односно недостатоци. Во текот на извештајниот период отстранети се вкупно 3.180 недостатоци, додека останатите се во тек на отстранување.
Во 2007 год. се случиле дури 160 потешки повреди на работните места. Најголем број повреди се случиле во преработувачката индустрија – 71, јавната управа и одбраната – 13, градежништвото – 7, земјоделството, ловот и шумарството – 6, трговија и поправка на уреди – 7, сообраќај, складирање и врски – 12, а останатите 44 потешки повреди се случиле во другите дејности.
2004 година се смета за најцрна година за работниците. Тогаш, според евиденцијата, на работните места загинале 18 работници. Од нив 13 биле од градежништвото. Според статистиката, најмалку несреќи имало во 2001 година. Тогаш загинале двајца. Позитивната статистика инспекторите ја објаснуваат со воената криза во Македонија и неработењето на фирмите.