http://www.time.mk/read/NONE/766a289d7b/index.html
Лебот ќе поскапува, Бугарија за еден месец извезла пченица колку што извезува за половина година
Огромната побарувачка за бугарска пченица е сигурен знак дека во регионот цените на брашното и на лебот наскоро ќе се зголемат. Бугарија е еден од најголемите производители на пченица во регионов, енормниот извоз ја растревожил бугарската влада, а антимонополската управа се сомнева во картелско здружување на мелничарите.
Бугарската комисија за заштита на конкуренција ги испитува цените на брашно во Бугарија и се сомнева дека постои картелско здружување и договарање на цените помеѓу големите производители на брашно во соседна Бугарија, пренесува бизнис порталот
www.investor.bg. Алармот се вклучил откако за само еден месец од Бугарија биле извезени повеќе од 524.000 тони пченица за арапските држави. Тоа е енормно висока количество за извоз за еден месец заради тоа што вообичаено Бугарија на годишно ниво во последните 3 години извезува околу 1 милион тони пченица, а сега само за еден месец извезла повеќе од половина од количеството што вообичаено ја извезува за цела година.
Токму огромниот извоз создал сомнеж за нарушување на пазарот кај претставниците на антимонополската комисија во Бугарија.
Бугарската комисија по извршените проверки открила дека цената на големо за брашно не се формира само врз основа на цената на пченицата – главна суровина за производство на брашно и заради тоа го известила Министерството за земјоделство и комисијата во бугарското Собрание дека треба да се преземат мерки за подобрување на состојбата и за испитување на картелско здружување на големите мелничарски компании во Бугарија.
Како ова ќе влијае на Македонија?
Македонија нема доволни количества сопствена пченица и е увозно зависна земја, а голем дел од пченицата или брашно купуваме од Србија и од Бугарија кои се големи производители. Ваков развој на настаните во Бугарија, засилен со сушата во регионот и ниските приноси сигурно ќе биде регионален ценовен притисок врз вредноста на пченичното жито и на брашното. Освен ова, како што
досега пишувавме во првата половина на годинава нашите производители ги зголемиле своите продажби на пченица, рж и јачмен за 66 отсто во споредба со лани и инкасирале повеќе од 430 милиони денари од продажба на пченицата и јачменот.
Овој податок значи дека голем дел од пченицата што се чувала во силосите е продадена, а приносите од годинешнава реколта беа мали – повторно заради неповолните временски услови. Во моментов не успеавме да добиеме податок за тоа колку пченица Македонија чува во државни резерви и за колкав период тоа количество би било доволно. Не успеавме да дознаеме и дали со резервите може да се издржи ценовниот притисок од недостигот од пченица што ќе го појави поради големиот извоз на бугарска пченица за арапските држави.
Сите влезни параметри упатуваат на тоа дека е сѐ поизвесно дека цената на лебот ќе се зголеми или дека ќе се намали тежината на една векна леб.