Премиера на спот на Тоше Проески
Речиси една година по 11. издание на Хрватскиот радиски фестивал одржан на Хвар, на кој апсолутен победник со неколку освоени статуетки беше Тоше Проески, неговото име ќе биде дел и од годинешното издание. На фестивалот закажан за крајот на месецов во Опатија за првпат ќе биде прикажан спотот за песната "Hardest Things" снимена за неговиот англиски албум. Спотот по смртта на Тоше го монтираше екипата на МТВ Адриа, а меѓу кадрите има и од оние снимани на Јамајка. Минатата година на овој престижен хрватски фестивал Тоше, како единствен македонски финалист, триумфираше со песната "Вежи ме за себе" дело на двоецот Антонија Шола - Миро Буљан, со чија песна успех постигна и претходната година со "Срце није камен".
"Hardest Things", како што првично се споменуваше, требаше да биде промовирана на претстојната Евровизија,
но Тоше, веројатно, нема да добие ни минута во ревијалниот дел. Организаторите тоа го објаснуваат со наводната забрана од европската дирекција, од каде, пак, ја негираат информацијата, појаснувајќи дека за ревијалниот дел се единствено надлежни домаќините. Тие решиле наместо необјавените песни на Тоше публиката да ги слуша Горан Бреговиќ и Марија Шерифовиќ.