http://www.vest.com.mk/default.asp?ItemID=CEBA46246AEE4249ABB8FA8AE688D467
Врбите се уметничко дело, не садници
Проектот "Три врби во Вардар" не е нарачка, тврди авторката Искра Димитрова, по обвинувањата и осудата на проектот во јавноста. Таа жали што нејзиното дело, кое сe уште не е завршено, е сведено на садница во Вардар, и објаснува дека 250.000 илјади евра не се потрошени само за садниците туку за целиот проект.
"За проектот 'Три врби во реката Вардар' конкурирав на конкурсот на Министерството за култура во мај 2008 година. Во јули истата година, на мое големо изненадување, бидејќи формата на овие проекти е прилично нетрадиционална за овие простори, ме информираа дека два од моите проекта се одобрени за реализација. Досега сите останати 34 проекти од овој конкурс, вклучувајќи го и мојот 'Грмушка во рефлектирачка коцка', кај Арапска куќа, беа реализирани. Проектот 'Три врби во Вардар', поради комплексноста за изведба поврзана со неговата местоположба - во средината на реката, бараше исклучителен ангажман, подготовка на стручни елаборати од статичари, хидроинженери, геодети, од архитекти и огромна документација, за да се добие одобрение за градба. Скулптурата предвидуваше дупчење на шипови, изградба на бетонска конструкција, засадување на врбите, нивно одржување во тек на две години, како и обложување на коцката со инокс. Од 2008 година сe уште трае мојот ангажман за реализација на скулптурата", објаснува Димитрова.
... Димитрова е зачудена од силните реакции кои ги предизвика нејзиното дело.
"Досега сум била поканета и сум реализирала дела, меѓу другите, и во Бруклинскиот музеј во Њујорк, во Јокохама музејот во Јапонија, во Модерна музејот во Стокхолм и во многу други реномирани институции за современа уметност низ светот. Меѓутоа, ваков публицитет на мое дело досега не сум доживеала, а особено ме зачудува фактот што се зборува за дело кое сe уште не е ни реализирано, како да се пишува за одредена театарска претстава, следејќи ги пробите, или како да се пишува критика за филм кој сe уште се снима. Не видов ни приближно исти реакции кога станува збор за реализација на филм со милионски суми евра вложувања, не само во овој период туку отсекогаш", вели Димитрова.
(М.И.П.)