Во Агенцијата за вработување врие како на митинг
Невработените штом ќе се јават кај службеникот на агенцијата одат на еден од трите шалтери на Фонот за здравство, од каде што добиваат формулари за да напишат изјава за тоа колку приходи имале минатата година. Вчера речиси сите само земаа формулари, ретко кој врати назад пополнет
Ако до септември не си ги завршат обврските, луѓето без работа нема да добијат сини картони
Во скопската Агенција за вработување е бетер од осило. Нервозни вработени, лути невработени што доаѓаат на пријавување е само дел од сликата. Метежот го надополнуваат и задушливоста и непријатниот воздух. Невработените штом ќе се јават кај службеникот на агенцијата одат на еден од трите шалтери на Фонот за здравство, од каде што добиваат формулари за да напишат изјава за тоа колку приходи имале минатата година. Вчера речиси сите само земаа формулари, ретко кој врати назад пополнет.
- Од едниот шалтер ме пратија на другиот за да земам некакви обрасци. Немам поим за што се и што треба да донесам. Сега само можам да ви кажам дека само што не сум се онесвестила од жешкото време - коментираше една од оние што чекаа.
Иако на ѕидот во просторијата во која се пријавуваат невработените е залепено објаснување за тоа дека до септември мора да пополнат изјава, да донесат со себе копија од лична карта, здравствена легитимација за себе и за членовите на потесното семејство, како и извод од матична книга на родени и/или извод од матична книга на венчани за членовите на потесното семејство, ретко кој го погледнува. Ако до септември не ја завршат таа обврска, невработените нема да добијат сини картони.
Од Фондот за здравство информираат дека вчера пополнети изјави и документи донесоа 331 невработен, додека завчера тоа го сториле 168 лица. Со оглед на тоа дека изјавите се предаваат во 14 единици на Агенцијата за вработување и 16 подрачни единици на Фондот, во просек дневно во секоја од нив обврската си ја завршиле од шест до 11 лица.
-Не би сакал да ни се случи сите невработени да дојдат во 5 до 12. Затоа имаат два месеци да си ја завршат обврската - вели Бранко Аџигогов, портпарол на Фонд за здравство.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски вели дека секогаш имале метежи во првите денови од јули, а тие завршувале до десеттиот ден во месецот.
- Ние имаме по десет референти на шалтерите и дневно доаѓаат од 100 до 190 луѓе. Интересно е што повеќето доаѓаат до околу 11.30 часот и настанува голем метеж. Потоа е попразно - рече Поповски.
Невработените, велат во агенцијата, доаѓаат како на бранови. Наутро имало зелен бран, а попладне е црвениот.
- Во осум и триесет овде е како на митинг - вели вработен.
Тој додава дека во просторијата за пријавување има клима-уреди, но не ги вклучуваат.
- Се случува и директорот буквално да се „бори“ со оние на шалтер. Тој ќе ги вклучи, тие ќе ги исклучат, па повторно истото. Кукаат оти им дувало во глава, во грб, па подобро било да се гушат - додава тој.
Поповски изјави дека од денеска во просторијата за пријавување ќе бидат вклучени клима-уредите.
Од Министерството за финансии информираа дека оние невработени што во тесното семејство имаат приходи поголеми од 132.000 денари годишно ќе плаќаат месечно осигурување од околу 1.100 денари.
Оние, пак, што имаат приходи поголеми од 182.000 денари годишно ќе плаќаат по околу 2.200 денари.
Доколку еден член во семејството плаќа за здравствено осигурување, сите ќе добиваат сини картони.