Нов предлог за решение на разликите меѓу Скопје и Атина околу употребата на уставното име на земјава поднел посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц, соопшти доцна завчеравечер портпаролот на Стејт Департментот, Том Кејси. Според информациите, новиот предлог ќе им биде претставен на двете земји на претстојната средба на преговарачите закажана за 19 февруари во Атина. - САД разбираат оти спорот предизвикува големи емоции и во Македонија и во Грција, но најважно е преговарачкиот процес да продолжи. Знам дека господин Нимиц достави нов предлог, кој се надеваме дека може да биде основа за постигнување договор меѓу двете страни. САД ќе го поддржат секој договор што ќе биде прифатлив за двете земји - изјави Кејси.
Дипломатски извори во Скопје тврдат дека новиот предлог на Нимиц ќе биде различен и од македонската позиција за двојната формула и од грчката позиција за едно единствено име за земјава во севкупната меѓународна комуникација. Според нив, Нимиц ќе понуди "тројна формула" или "разработена двојна формула". Уставното име би останало за внатрешна употреба и за билатерална комуникација со земјите кои не признаваат под Република Македонија, за односите со Грција би се користело друго име прифатливо за Атина, додека трето име би се употребувало во меѓународните организации, како ОН, НАТО, ЕУ, ОБСЕ.
- Третиот сегмент од формулата ќе претставува техничко име под кое земјата формално ќе биде примена во меѓународните организации. Тоа, според примерите што постојат би било уставното име скратено или проширено - велат изворите.
Грчки "Етнос", повикувајќи се на дипломатски извори, вчера објави дека "новиот предлог на Нимиц нема да ја израдува Атина". Според истите извори, Нимиц не го прифатил предлогот на Грција за сложено име, но го прифатил ставот на Македонија дека земјата има право да го користи своето уставно име.
Последната рунда преговори се одржаа минатиот месец во Охрид, без видлив напредок во процесот. Во пресрет на идната, вчера редовна средба имаа претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски, на која повторно била реафирмирана познатата позиција дека двојната формула е единственото прифатливо решение за земјава.