Русија и Кина ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која требаше да се осуди режимот во Сирија, но не и да се изречат санкции, што предизвика огорченост кај Соединетите Американски Држави (САД).
Текстот на резолуцијата, кој беше предмет на гласање синоќа, претставуваше ублажена варијанта на претходните нацрти и беше повлечена заканата со санкции доколку сирискиот режим ги игнорира меѓународните повици за прекин на насилното гушење на продемократските протести.
И покрај тоа, што од тестот беше целосно исфрлен зборот санкции, тоа не беше доволно за Русија и Кина, кои сепак ставија вето.
Нацрт текстот на резолуцијата го изготвија неколку држави предводени од Франција, чиј амбасадор во ОН, Жерар Арау изјави дека „ветото нема да ги сопре“ и дека „ниту едно вето не им дава за право на сириските власти да прават што сакаат.
Покрај Русија и Кина, поддршка за резолуцијата не дадоа ниту Бразил, Индија, Јужноафриканската Република (ЈАР) и Либан, кои се воздржаа од гласање.
Москва се противи на санкции кон Дамаск бидејќи смета дека таков конфротирачки пристап води против мирното решавање на кризата, изјави рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, изразувајќи загриженост дека резолуцијата би ја отворила вратата кон воена интервенција, слична како онаа во Либија.
Со месеци Русија, Кина, Бразил, Индија и ЈАР ги критикуваа САД и европските членки на Советот за безбедност дека дозволиле НАТО да ги мине границите на мандатот, со кој требаше да ги заштити цивилите во Либија.
Кинескиот амбасадор, пак, изјави дека Пекинг се противи на мешањето во „внатрешните работи на Сирија“.
Одлуката на Русија и Кина да го искористат правото на вето укажува дека Советот за безбедност би можел со месеци да биде блокиран во надминување на кризата на Блискиот исток, оценуваат дипломатски извори.
Американската амбасадорка во ОН, Сузан Рајс истакна дека Вашингтон е огорчен бидејќи Советот за безбедност не успеа во обидот да се спротистави на растечката закана за мирот во регионот и покрај тоа што во нацрт текстот не беа спомнати санкциите.
Според податоците на ОН, сирискиот режим во неколкумесечните уривање на протестите убил најмалку 2.700 цивили.
Во меѓувреме...
Качински: Меркел сака да вопостави империјална моќ на Германија
Ангела Меркел дојде на власт со помош на Штази (разузнавачка служба на некогашна Источна Германија) и сака да воспостави „големогермански амбиции“ и аспирации кон западна Полска, обвини полскиот опозициски лидер, Јарослав Качински.
Владата во Берлин не го коментираше овие обвинувања.
- Меркел им припаѓа на онаа генерација германски политичари, кои сакаат повторно да воспостават империјална моќ на Германија, напиша Качински во својата книга, објавена непосредно пред полските парламентарни избори.
Качински пишува дека стратешкото партнерство меѓу Германија и Москва е дел од тие планови и оти на тој пат Полска може да биде само препрека.
Во врска со германските инвестиции во западна Полска, Качински предупредува дека Полјаците еден ден можат да се „разбудат во една помала Полска“.
Тој индиректно ја обвини Меркел дека дошла на власт со помош на Штази, односно дека само на тој начин можела да дојде на власт.
- Не верувам дека предавањето на функцијата канцелар на Меркел бил чист случај, смета Качински, кој вели дека останува на политиколозите и историчарите да го разјаснат тоа.