Колку се само јавно, а уште колку непознати
4.09.2013, 17:09
КОЈ Е ЗОРАН МАРКОВСКИ, В.Д. КОМАНДИР НА ПС ЦЕНТАР?
Бидејќи е осуден за убиство, се доведува во прашање неговиот морален кредибилитет како шеф на полицијата во Центар
Министерството за внатрешни работи, најверојатно, нема да побара на Зоран Марковски, кој изминатите седум месеци беше на чело на полициската станица „Центар“, да му се симне префиксот в.д. и да стане командир на популарното „Беко“.
Марковски, пред дваесетина години, беше осуден на неколкугодишна затворска казна за убиство, поради што неговото назначување за „прв полицаец“ во скопската општина предизвика реакции во јавноста. Без оглед на професионалниот капацитет, спорен е неговиот морален кредитибилитет.
Советниците во Општина Центар велат дека нема да го гласаат доколку МВР го предложи за командир, а се незадоволни и од извештајот за работата на полицијата во изминатите шест месеци.
Полициската станица „Центар“ со години нема командир, а изминатиот период со неа раководеше Зоран Марковски. Од МВР не даваат јасен одговор дали тој бил вршител на должноста командир или не.
„Можеби и бил, но на решението не му пишува така. Едно е именување на функција, а друго е наредба да се извршува должност“,
вели Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавност при МВР. На официјалната страница на Министерството стои дека Марковски е в.д. командир на станицата.
Пред само неколку дена
министерката Гордана Јанкулоска, на поставено новинарско прашање, одговори дека „во ПС Центар нема осудено лице што ја врши функцијата командир“. Таа не образложи други детали за случајот.
Наредниов период се очекува МВР да предложи до советниците во Општина Центар неколку имиња како можни командири на ПС „Центар“, и како што велат од полицијата, мали се шансите Марковски да биде еден од нив.
К
ој е Зоран Марковски? Од скопскиот Кривичен суд, иако побаравме, до вчера не добивме одговор за кое дело и на колку години е осуден полицаецот.
Убиството кое се врзува за името на сегашниот в.д. командир, според нашите сознанија се случило на 25 јануари 1992 година. Во пукотницата смртно бил застрелан скопјанецот Ристе Милевски. Судот му изрекол затворска казна на Зоран Марковски во траење од седум години, но дали тој ја издржал казната или не - не може да се каже со сигурност.
Колегите на Марковски за него имаат само пофални зборови. Тврдат дека професионално и чесно ги извршува своите обврски, поради што заслужува да биде на одговорни функции.
Вчера се јавивме во ПС „Центар“ и побаравме разговор со Марковски. Ни беше речено дека е на терен. Оставивме телефонски број и замоливме командирот да ни се јави, но до затворањето на денешното издание - тоа не се случи.
Зоран Марковски е познат хармоникаш, а
беше активен и во обезбедувањето на протестите пред Општина Центар, кога маса граѓани негодуваа по наводните изјави на градоначалникот Андреј Жерновски за стопирање на градбата на црквата „Св. Константин и Елена“.
Токму случувањата пред и за време на собирите пред општинската зграда е точката на која советниците на СДСМ не го прифаќаат извештајот за работата на полицијата во изминатите шест месеци.
„Воопшто не се спомнати инцидентите во јуни кога во два наврата беше нападната општинската зграда. Фактички, полицијата досега нема процесуиран ниту еден случај, не е санкциониран ниту еден од тие луѓе, чии ликови можеа да се видат на камери. Веројатно има некоја намера, бидејќи истите луѓе може да се забележат на разни протести и контрапротести“, ни изјави Ѓошо Вангелов, советник на СДСМ во Центар.
Тој вели дека во извештајот, Марковски е потпишан како командир на ПС „Центар“, без додавката дека е вршител на должноста.