МОДЕН ДЕТАЛ-Монистри
- "Монистрите како моден детал се релативно нова појава. Дури во почетокот на XX век помасовно почнуваат да се изработуваат накит и делови од облека од разнобојна монистра. Може да се видат разнобојни украси што се ставале на главата, на вратот и на градите, украси за раце, а има и такви што се користеле за пазувите и чорапите и биле составен дел на женските народни носии. Меѓу предметите се изложени и амајлии што ги носеле децата, жените, но и мажите. Карактеристично за нив - вели етнологот Петровиќ - е што се изработени во триаголна форма од разнобојни монистри, но во амајлијата задолжително морало да има и сина стаклена перла поради верувањето дека таа боја е силен заштитник од демони, уроци. Меѓу експонатите може да се видат машки бастуни и чибуци украсени со разнобојни стаклени перли. На дел од предметите може да се прочитаат и љубовни посвети, името на авторот или на личноста за која бил наменет предметот. Освен како накит, монистрите биле ткаени во појасите, во крпите за на глава, на покривките за деца и како украс на металните предмети со богата орнаментика. Во секој случај, сите овие предмети, по обликот, начинот на изработка, комбинациите на бои и материјали, вкомпонираност на ситни и крупни монистра со разни други додатоци (морски полжави, стари пари итн.) неодоливо асоцираат на виножито, на илуминација и неизбежно на танц, од наједноставниот до најсложениот".
Како што потенцира етнологот Петровиќ, ако во европските центри монистрите како моден детал се одлика на градското население, во Македонија накитот и предметите од монистри или исшиени со монистри масовно ги користи селското население.
УКРАСУВАЊЕ
Монистрената мода, односно масовната употреба на монистрата, е најизразена во ЏВИИИ век, а својот зенит го достигнува во првата половина на ЏИЏ век во времето на барокот, бидермаер и вториот рококо познат како стил "Наполеон III". Меѓутоа, во Македонија монистрата почнуваат да се употребуваат во првите децении наЏЏ век.
- "Монистрениот накит е застапен насекаде во Македонија, со тоа што во одредени пределски целини претставувал основно средство за украсување (источна Македонија), а во другите предели бил дополнителен украс на металниот накит (западна Македонија). Во некои делови од Македонија со вез од монистра се украсуваат и делови од облеката: предниците на невестинските кошули, долниот дел од кошулите, ракавите, ракавите од ткаените појаси, подвеските за машките чорапи, крпите за на глава, сокаите. Кај нас овој накит честопати се надополнувал и со други додатоци од кои се најкарактеристични каури школките и старите сребрени пари. Иако каури школката потекнува од Средоземјето, сепак кај народот било раширено верувањето дека таа го штити сопственикот од лоши влијанија како и симбол на плодноста. Вториот дополнителен украс на монистрата, старите сребрени пари, најверојатно имаат функција да ја покажат економската моќ на сопственикот" - додава етнологот Петровиќ.