Македонските граѓани воопшто не се загреани да докажуваат дека се Бугари, туку со бугарскиот пасош многу полесно можат да стигнат до својата цел - Европа.
Додека Македонците трагаат по полесниот начин за излез во Европа, Бугарија сака со тоа да постигне сосема друга цел.
Трендот на барање бугарско државјанство се должи на лошата економско-социјална слика во Македонија, објаснува политикологот Дане Талевски, чија стручност се евроинтеграциите.
За Талевски, бројката од 20.000 поднесени барања од Македонци за добивање бугарско државјанство и не е алармантна состојба. Податокот го објави бугарското Министерство за правда.
„Луѓето кои сакаат да излезат од Македонија на привремена работа најчесто би сакале да одат во некоја од земјите од ЕУ“, изјави Дане Талевски, политиколог.
„Постојат страшни визни ограничувања со македонски пасош да се патува таму, додека со бугарски пасош сосема слободно може да се влезе во која било земја на ЕУ, што значи слободен пристап до системите на образование таму и до пазарот на труд“, вели Талевски.
Со години наназад Бугарија тврди дека македонска нација не постои. Дали во речиси без никакви проблеми давањето бугарско државјанство на Македонците кои трагаат по егзистенција има смислено сценарио?
Објавената бројка на поднесени барања на Македонци за добивање бугарски пасош симптоматично е објавена само кратко време откако шефот на бугарската дипломатија Калфин излезе со провокацијата дека Бугарија ќе ја следела Македонија да не појавува агресија кон бугарската историја и нација, изјава од ништо испровоцирана, која ги залади односите меѓу двете држави.
„Мислам дека ова е само прашање на конфликт кое го потегнуваат политичарите чии умствени матрици функционираат во еден систем од 19-тиот век и ран 20-ти век, кога пред се беа важни националните прашања, националната припадност и државните нации“, рече Дане Талевски.
„Во 21-виот век, со интеграциите во ЕУ, тие прашања стануваат минорни и тие во ЕУ се заменети со прашања од економска соработка, од блиска политичка соработка“, додаде Талевски.
Трендот на барање бугарски државјанства ќе се намали со влезот на Македонија во Европската Унија.
За тогаш експертите дури предвидуваат на обратна состојба, кога македонските граѓани, откако ги искористија бугарските пасоши, ќе започнат да ги враќаат.