Од дечко од Прилеп, кој е прилично добро навлезен во навивачката сцена:
Кошаркарска тифо сезона 2006/07
Ајдуци: Со доаѓањето на новиот спонзор во кошаркарската екипа од Струмица се случи и враќање на нивната навивачка група. „Ајдуците“ беа вистинско освежување на кошаркарската тифо сцена која беше падната на многу ниски гранки во последните години. Благодарение на спонзорот направија целосно нови материјали: транспаренти, маици, шалови, бајраци и она што е најважно, гостуваа на речиси секој поважен натпревар на нивната екипа. Навивањето сеуште не им е јака страна особено на гостувањата и мора во иднина да работат на создавање свои песни. Користеја и завидно ниво на, сепак, неквалитетна пиротехника. Се најдоја на насловните страни со инцидентот во Битола на финалниот куп натпревар кога фрлаа столчина и тврди предмети на теренот притоа повредувајќи еден техничар од МТВ.
Сити Парк Бојс: Почетниот дел од сезоната го поминаа во бојкот против својата управа. Сепак не издржаа долго надвор од трибините и во вториот дел активно им помагаа на своите кошаркари. За издвојување е нивното гостување во Аеродром кога на само ним својствен начин им го честитаа роденденот на „Фемили Аеродром“. Други гостувања оваа сезона скоро и да немаа. Бројноста им е солидна, но далеку од најдобрите денови. Истото важи и за навивањето. Да се надеваме дека следната сезона ќе ги видиме во полн сјај со нивните препознатливи карактеристики со кои го дефинираа својот уникатен ултра стил на овие простори.
Фемили Аеродром: Убедливо најдобрата кошаркарска тифо група во Македонија. Можеби немаат многу знамина, немаат добар маркетинг, не знаат да направат кореографија, да смислат добра порака но имаат срце како никој друг. Навиваат 60 минути без престан, не се штедат, не избегнуваат дуели ниту со навивачките групи ниту со полицијата, го следат својот тим секаде каде што можат, живеат за „МЗТ“ секој ден, а нивниот тим не им враќа ни приближно од тоа што тие го вложуваат. Бројноста им е стандардно добра. Промената на генерации е видлива, но тоа само влијае на квалитетот на групата бидејќи помладите внесуваат нови идеа кои не можеа да се забележат во претходните години. И тие беа во центарот на медиумите на неколку пати предизвикувајќи инциденти пред се на последното гостување кај својот најголем ривал во салата „Градски парк“. Најголемата забелешка е отсуството на гостувања надвор од Скопје. Лошата финансиска состојба на клубот не може да биде изговор за такво нешто.
Чкембари: За нив ова е втора сезона откако го пратат кошаркарскиот клуб од својот град. Бројноста на домашните натпревари им варира постојано. Веројатно сеуште недостасува лојалноста и приврзаноста како што е тоа со фудбалскиот и ракометниот клуб. Направија и неколку скромни гостувања со мал број на навивачи. И тука изговорот е дека клубот не одвојува доволно средства за патувања на навивачите. Најдобро претставување имаа на натпреварите од завршницата на купот која се одржуваше во Битола. Жалосно за нив што не изборија пласман во финалето.
Останати: Па и не може да се зборува за останатите групи бидејќи со ништо не заслужиле да бидат спомнати оваа сезона. Сепак, „Амак СП“ од Охрид имаа една група навивачи кои не се декларираат како „Рибари“, а и немаат никакви навивачки обележја. Кошаркарскиот клуб „Вардар“ има поддршка од одреден број на навивачи кои на последните натпревари се собраа во поголема бројка и успеаја да организираат какво-такво навивање. Кавадаречките „Лозари“ исто така повремено навиваа за „Фени индустри“, но нивната бројка и навивањето не може да се нарече ниту скромно.